„Ни ваму ни таму“: Деликатните односи на Косово со Европската Унија

Бутринт Бериша

Внатрешните политички случувања на ЕУ, доведоа до нејзина неспособносст да спроведе доследна и кохезивна политика кон Косово, а што се покажа во случајот на визната либерализација. Косово е единствената земја во регионот која се смета само за потенцијален кандидат од страна на ЕУ.

Косово заостанува во процесот на интеграција во Европската Унија (ЕУ) во споредба со другите земји од Западен Балкан. Генерално, предизвиците на Косово во однос на неговата ЕУ-перспектива може да ги категоризираме во три главни области: домашни, што опфаќа предизвици коишто се однесуваат на воспоставување силна економија која обезбедува работни места за младите и е способна да се натпреварува на пазарот на ЕУ; надворешни, поточно односите со Србија и непризнавањето од 5 земји членки на ЕУ (Кипар, Грција, Романија, Словачка и Шпанија); и трето, внатрешните политички случувања на ЕУ, што доведува до нејзина неможност да спроведе доследна и кохезивна политика кон Косово, а што се покажа во случајот на визната либерализација. Во моментов, Косово е единствената земја во регионот која допрва треба да го достави барањето за членство и која се смета само за потенцијален кандидат за членство од страна на ЕУ.

Од друга страна, ЕУ спроведува прилично ограничен пристап кон Косово поради 5-те земји членки на ЕУ кои сè уште не го признаваат Косово. Декларацијата за независност на Косово во 2008 година создаде нова ситуација за ЕУ, која е принудена да открива иновативен и деликатен пристап во односите со Косово, со цел да ги уважи и ставовите на мнозинството на нејзините членки, и ставовите на петте земји кои не го признаваат Косово. Општо земено, ова беше еден од клучните фактори којшто досега имаше влијание врз односите помеѓу Косово и ЕУ и врз ЕУ-перспективата на Косово.

Договорот за стабилизација и асоцијација (САА) како клучен настан

Во 2016 година Косово влезе во договорни односи со ЕУ со потпишување на Договорот за стабилизација и асоцијација. Овој Договор се разликува од другите вакви договори потпишани со други земји затоа што станува збор само за договор со ЕУ – нешто што стана возможно со стапување на сила на Лисабонскиот договор. Договорот исто така го предвидува следново: „во случај на неусогласеност од страна на Косово кон овие заложби, ЕУ може да преземе мерки кои се сметаат соодветни, вклучително и суспендирање на целиот овој Договор или на негови делови“, што упатува на асиметричност помеѓу страните потписнички на овој документ. Во секој случај, Договорот за стабилизација и асоцијација претставува важно постигнување во односите на Косово со ЕУ, бидејќи станува збор за прв договорен однос којшто беше прославен како клучен настан од страна на лидерите на институциите и, уште поважно, беше поздравен како „потврда за ЕУ перспективата на Косово“.

Со цел да се насочи имплементацијата на Договорот за стабилизација и асоцијација, Косово и ЕУ постигнаа договор за Европска реформска агенда (ЕРА) во 2016 година. Овој документ се засноваше врз клучните приоритети коишто треба да бидат имплементирани од косовските институции, а коишто беа поделени во три столбови: вработување и образование; добро владеење и владеење на правото; и конкурентност и инвестициска клима. Имплементацијата на ЕРА-договорот првично беше предвидено да заврши до крајот на 2017 година, но овој датум беше одложен поради бавната имплементација од страна на косовските институции. Треба да се каже и дека во мај 2017 година косовското Собрание ѝ изгласа недоверба на Владата, што исто така влијаеше врз процесот на имплементација.

При крајот на 2020 година беше договорен документот ЕРА II, којшто треба да биде имплементиран во период од две години (2020 – 2022 г.) со следниве столбови: добро владеење и владеење на правото, конкурентност, инвестиции и одржлив развој, вработување, образование и здравство. Клучната разлика помеѓу овој и претходниот документ е што ЕРА II не е врамен како политички дијалог на високо ниво во клучните приоритети помеѓу Косово и ЕУ.

Земени во целина, овие документи му овозможија на Косово да спроведе институционални реформи и да усогласи делови од своето законодавство со правото на Европската Унија, иако овој процес беше сериозно попречен и забавен поради политичката нестабилност, немањето консензус и честите избори (во февруари 2021 година граѓаните на Косово ќе излезат на гласање по третпат од 2017 година). И покрај сето ова, ЕУ успеа да стане клучна сила во трансформацијата на Косово, не само поради условеноста од тоа во процесот на пристапување, туку и поради фактот што ЕУ и понатаму е најголем финансиски донатор.

Политички дијалог и олеснување на дијалогот помеѓу Косово и Србија од страна на ЕУ

Од друга страна, во сенка се ставени некои други области на соработка, како што е политичкиот дијалог. Во практиката речиси и да не постои комуникација помеѓу ЕУ и Министерството за внатрешни работи и дијаспора (МФАД) на Косово. Ова е поради политичките предизвици за ЕУ коишто би ги предизвикала таквата комуникација, имајќи го предвид ставот на петте држави кои не ја признаваат независноста на Косово и членот 2 од Договорот за стабилизација и асоцијација, којшто укажува дека условите од Договорот не имплицираат признавање на независноста на Косово од страна на ЕУ, ниту од страна на поединечните земји членки (за оние земји кои не ја признаваат независноста).

 

Извор: pexels.com

Дополнително, Договорот за стабилизација и асоцијација претставува единствена платформа за развој на политичкиот дијалог помеѓу Косово и ЕУ. Според членот 11.2 од Договорот, ЕУ и Косово се согласуваат да соработуваат во надворешната и безбедносната политика, што дури би требало да ѝ овозможи на ЕУ да го помогне „Учеството на Косово во меѓународната демократска заедница ако тоа го дозволуваат објективните околности“. Сепак, оваа одредба досега не е употребена, најмногу поради тоа што немало иницијатива за тоа од страна на ЕУ.

Во последниве години, во комуникацијата помеѓу ЕУ и Косово значително доминира дијалогот помеѓу Приштина (Косово) и Белград (Србија), којшто се олеснува од страна на ЕУ. Овој процес продолжи и понатаму во 2020 година, и досега се одржани неколку состаноци со посредство на специјалниот претставник на ЕУ за ова прашање, Мирослав Лајчак. Стратегијата за проширување на ЕУ донесена од Европската комисија во 2018 година исто така предвидува законски обврзувачки договор помеѓу Косово и Србија и пристапување на двете земји во ЕУ.

И покрај сето ова, дијалогот, којшто започна во 2011 година, досега се покажа дека воопшто не е едноставен дипломатски обид на Унијата. Еден од клучните предизвици тука е острата разлика во очекувањата за резултатите од тој дијалог помеѓу Косово и Србија. Додека крајна цел за Косово е заемното признавање, овој став не го делат институциите во Србија. Дополнително, дијалогот се обиде да оди по тенка линија со примена на конструктивна двосмисленост во текстовите на договорите, вклучително и во суштинските документи коишто се однесуваат на општините со мнозинско српско население на Косово а потпишани во 2013 и 2015 година.

Уште повеќе, и покрај фактот дека е остварен напредок, севкупната имплементација на договорите постигнати во рамките на дијалогот во периодот од 2011 досега не е задоволителна, затоа што 20 % од договорите се имплементирани во најголем дел или делумно, а други 20 % воопшто не се имплементирани. Во 2018 година, откако не беше постигнат суштински напредок и имаше наводни дискусии за размена на територии, дијалогот под покровителство на ЕУ практично се најде во ќор-сокак и сите состаноци беа откажани, што му зададе голем удар на процесот. Имајќи го ова предвид, иако дијалогот стана важна тема во комуникацијата помеѓу ЕУ и Косово, мора исто така да се потенцира дека, поради неговата сложеност, овој процес доведе до сериозни предизвици за ЕУ и за високиот претставник на Унијата за надворешна и безбедносна политика.

Политиката за проширување на ЕУ во премреже

Генерално, треба да се каже дека од 2016 година, кога на сила стапи Договорот за стабилизација и асоцијација, не се направени значителни чекори во однос на европската интеграција на Косово. Косово е единствената земја во Западен Балкан која нема визна либерализација со ЕУ, па така косовските граѓани и понатаму се изолирани. Иако Европската комисија препорача визна либерализација во 2016 и во 2018 година и потврди дека се исполнети сите одредници од патната карта, долгоочекуваната позитивна одлука сè уште не е донесена од страна на Европскиот совет. Некои земји членки на ЕУ се спротивставија на ваквата позитивна одлука поради тоа што Косово нема остварено доволно напредок во владеењето на правото и во борбата против корупцијата. Спротивно на ова, една студија направена неодамна покажа дека околу 64 % од граѓаните сметаат дека клучни причини за ова се предрасудите и дискриминацијата од земјите членки на ЕУ.

На Косово постоеше голема надеж дека овој процес ќе продолжи да се движи за време на германското претседателство со Советот, кое заврши неодамна, но попусто – одлуката повторно беше одложена. За многумина на Косово, одложувањето на одлуката за визна либерализација е знак за немање механизми на ниво на ЕУ за надминување на блокадите што ги наметнуваат некои земји членки, па во таа смисла немањето напредок произлегува првенствено од ограничениот капацитет на ЕУ да спроведе кохезивна политика на проширување во регионот. За да ги надмине овие пречки што произлегуваат од ставот на поединечни земји членки, ЕУ треба да покаже робустен пристап во својата политика за проширување, којшто би ја спречил политизацијата на техничките аспекти.

Се знае дека земјите во регионот, вклучително и Косово, мора да ги имплементираат главните институционални и законски реформи во широк спектар на области. Овие реформи се задолжителни за градењето стабилни демократски структури и за зајакнувањето на учинокот на институциите, што би требало да им овозможи подобрување на животниот стандард на граѓаните и приклучување кон ЕУ.

Сепак, во големата шема на нештата, недонесувањето одлука за визна либерализација за Косово има карактеристики слични на францускиот’нон пејпер‘ документ во врска со политиката на проширување во 2019 година, одложувањето на пристапните преговори со Македонија по потпишувањето на Преспанскиот договор и неодамнешното вето од Бугарија. Многумина се убедени дека ваквиот развој на настаните е исто така сигнал дека политиката за проширување се движи со некоја своја брзина и ако се дозволи одлуките на оваа политика да се донесуваат во интерес на поединечни земји членки, пристапувањето во ЕУ за земјите од Западен Балкан ќе остане далечна перспектива.

Севкупно земено, ставот на косовските граѓани во однос на ЕУ и понатаму е многу позитивен. Една неодамнешна анкета укажува дека 35 % од граѓаните сметаат дека Косово ќе стане членка на ЕУ до 2025 година (донекаде нереално), додека 9 % одговориле дека Косово никогаш нема да стане членка на ЕУ. Можеме да се запрашаме како овие бројки ќе се променат ако косовските граѓани и понатаму бидат сведоци на недонесувањето одлука за визна либерализација и ако нема напредок во пристапувањето кон ЕУ наредниве години, и пред сè, какви би биле последиците од тоа за ЕУ како реформаторска сила за косовските институции. Од поширок аспект, може исто така да се види дека летаргичниот пристап кон проширувањето со земјите од Западен Балкан би имал негативни импликации за кредибилитетот на ЕУ и за нејзината геополитичка улога во регионот во целина.

Коментари

коментар(и)