100 корпи за отпадоци набави здружението на граѓани Центар за еколошка демократија Флорозон Скопје кои ќе бидат инсталирани во Куманово, Скопје, Тетово и Струга, а со тоа ќе се придонесе за минимизирање на загадувањето на животната средина од несоодветното одлагање на задолжителните маски и ракавици за еднократна употреба. Здружението МОТИВО како дел од коалицијата за животна средина е локал поинт организација која ќе биде одговорна околу оваа активност за Општина Куманово.
Имено, со проектот е планирано на видливи места пред поголемите ланци на маркети да бидат поставени корпите за таа намена и да се информираат граѓаните како правилно да го одлагаат отпадот од еднократните маски и ракавици. Во нашиот град корпите ќе бидат поставени пред 10 Елида маркети на различни локации. За оваа активности, здруженијата на граѓани имаат поддршка од комуналните претпријатија кои се како најрелевантни чинители во областа на одлагање на отпадот. Оваа пракса е широко применета во речиси сите развиени држави, бидејќи се уште не е воспоставен прецизен протокол кој ќе овозможи најсоодветно одлагање на еднократните потенцијално заразни маски и ракавици. Флорозон и МОТИВО очекуваат од граѓаните од Општина Куманово да се приклучат кон акцијата за одлагање на искористените еднократни маски и ракавици во обележаните корпи кои се поставени пред маркетите.
Инаку, хируршките маски и медицинските ракавици за еднократна употреба, кои граѓаните масовно ги применуваат, претставуваат голем ризик од понатамошно ширење на вирусот, пред сѐ поради непрописното одлагање, но исто така ја загадуваат и контаминираат животната средина. Водени од потребата за справување со овие предизвици, здружението на граѓани ФЛОРОЗОН Скопје, започна со реализација на проектот „Биди одговорен за себе и за нашата животна средина и во услови на пандемија”. Целта на проектот е да се придонесе во борбата против ширењето на коронавирусот преку соодветно одлагање на тн. КОВИД – 19 отпад и ублажувањето на последиците од пандемијата врз граѓаните, со посебен акцент на најранливите општествени групи. Проектот е финансиски поддржан преку Одделението за соработка со невладините организации при Генералниот секретаријат на Владата на Република Северна Македонија.