Одбележан Меѓународниот ден на музеите

Националната установа Музеј Куманово денеска беше биде домаќин на прославата и советувањето „Музеите како културни средишта, иднината на традицијата“, по повод одбележување на Меѓународниот ден на музеите – 18 –ти мај.

На советувањето присуствуваа претставници на сите музеи во државата, а манифестацијата ја отвори претседателката на Советот на Општина Куманово, Атина Мургашанска, потенцирајќи дека Куманово се вбројува во редот на еден од побогатите  региони со културно историски споменици, археолошките локалитети Татиќев камен во Кокино, Градиште во Пелинце, Костоперска карпа во Младо Нагоричане, Треска во Лопате, Визијанус во Клечовце, Градиште во Младо Нагоричане.

-Со законот за заштита на споменците на културата во Куманово се прогласени 15 сакрални споменици , од кои 13 христијански и два исламски, рече Атина Мургашанска, претседател на Совет на Општина Куманово.   

Пред присутните се обрати и претседателката на Македонски национален комитет ИКОМ, Маја Чанкуловска- Михајловска.

На денешното советување , претставници од музеите од цела Македонија, со своите  излагања  се обидоа да направат линк помеѓу минатото и иднината, со цел да се подобри работата на музеите и да се валоризира културното наследство. Од Музеј Куманово се претставија Славица Крстиќ со „55 години Музеј Куманово- иднината на традицијата“  и Анита Ѓорѓиеска со „Да игра ли Лазарка ?“  .

Музеите како архивари на нашето богато културно материјално и духовно богатство на најдобар начин ни ја претставуваат традицијата преку артефакти, експонати и видео записи како трајни културни вредности, велат организаторите од Кумановскиот музеј.

Инаку, попладнево во Меморијалниот Центар Пелинце ќе бидат доделени награди за музеј на годината, музејски проект, музејски работник и најдобар надворешен соработник.

Меѓународниот ден на музеите е прослава што во светот од 1977 –та година па наваму традиционално се организира на 18 –ти мај.

Коментари

коментар(и)