Одбележан Светскиот ден на крводарителството

„Хуманоста е таа што секогаш спасува. Хумани сме бидејќи некои луѓе сметаат на нашата помош. Хумани сме бидејќи чувството да спасиш човечки живот е непроценливо. Хуманоста е општествена вредност. Таа е дел од нашите принципи.Таа е дел од нашата животна етика“, меѓу другото беше речено на денешното одбележување на Светскиот ден на крводарителството од општинската организација на Црвениот крст од Куманово. За околу пет проценти годинава споредбено со лани е зголемен бројот на крводарувањата во Куманово, посочува претседателот на општинската органзиација на црвениот крст Нухи Јусуфи. На денешната манифестација традиционално беа доделени и награди, признанија и благодарници на повеќратните дарители на крв.

-Денеска вообичаено се собираме и ги сумираме резултатите од минатата година дали имаме напредок во крводарувањето , каде сме,  што сме направиле. Ако споредиме со минатата година, годинава имаме напредок,  за околу пет проценти повеќе имаме крводарувања, околу 2900 крводарувања имавме минатата година што е за поздравување ако се земе предвид дека доста имамиграција на населението.  Ние секоја година ги наградуваме, да не кажам,  шампионите во крводарување. Оваа година имаме еден крводарител со сто пати дарувано крв, тројца со 50 дарувања, со 25 имаме повеќе граѓани, имаме и со десет итн. Со 100 и со 50 имаме четворица, изјави Нухи Јусуфи ,  претседател на општинска организација на Црвен крст Куманово

Крв треба да се дарува заради хуманост , но и поради здравиот начин на живот, порачуваат повеќратните дарители.

-За здравјето е корисно,а  мотивацијата е хуманоста, изјави  Славе Димитриевски,  кој денеска беше награден за сто пати дарувано крв.

– Им порачувам на сите да даруваат крв, јас дарував крв до мојата 65-та годишна возрастм, додека законот ми дозволуваше, изјави   Спиро Милошевски кој во својот живот почнувајќи од 19 годишна возраст досега има дарувано крв 120 пати.

На 14 јуни традиционално ширум светот се одбележува Светскиот ден на крводарителството. Настаните кои се организираат имаат за цел да ја зголемат колективната и индивидуалната свест  за неопходноста од безбедна крв и крвни продукти. На овој ден се настојува да се насочи вниманието кон луѓето – крводарители кои својата хуманост ја изразуваат дарувајќи крв волонтерски. Овие луѓе се вистински модерни херои. Нивниот придонес останува клучна алатка во спасување животи на светско ниво.

Коментари

коментар(и)