Општинскиот штаб за заштита и спасување денеска одржа состанок на кој се разговараше за противпожарната заштита и актуелните проблеми со пожарите на територијата на Општина Куманово.
„За целосно гаснење на пожарот на депонијата Краста вклучена е севкупната механизација на јавните претпријатија, а ќе се побара помош и од приватните претпријатија со кои соработува Општината“, истакна по состанокот градоначалникот Максим Димитриевски.
Што се однесува во пожарите, во летниот период секогаш критични точки се одредени локации во населбата Перо Чичо, покрај реката Липковка и сл. заради што ќе биде формирана позорникарска служба, но и поставен вонреден пункт на противпожарната единица кај спомен-костурница.