Отворена изложбата „Стеги“ на Илија Струмениковски

Љубителите на уметноста синоќа во Центарот за култура имаа можност да ја проследат изложбата насловена „Стеги’ на познатиот пензионеран актер, Илија Струмениковски. Покрај актерството Струмениковски над 50-ина години се занимава и со сликарство. Во Куманово последен пат се претставил пред 9 години.

-Ова изложба со Илија Струмениковски започнавме да ја подготвуваме уште пред година и пол. Навистина беше упорен и сакаше да ја направи изложбата. Меѓутоа пандемијата малку не спречи, но вечерва сме тука и навистина уживаме во неговите прекрасни дела. Би посочил дека ние како Театар Куманово сме отворени за некоја следна улога во која ќе игра тој, го договаравме, зборувавме. Му посакувам долг живот и уште некоја изложба во Центарот за култура во Куманово-истакна директорот на НУЦК „Трајко Прокопиев“, Сашо Тодоровски.

За делата на Струмениковски пред кумановци зборуваше Роберт Цветковски, историчар на уметност во Центарот за култура. Истакна дека со неговото ликовното творење кумановци имале можност да се запознаат првин во  2006-та, па потоа и во 2013-тата година. Посочи дека се работи за сликарство на енергии, движења, односно пораката што сака да ја сподели со ликовната публика е дека космосот е во непрекинато движење а се околу нас е  енергија која се трансформира во многу облици и бои.

-Имаме една исто така нова колекција која се одликува на некој начин со еден континуитет на претходно зацртаните ликовни размислувања на Илија Струмениковски. Се работи за дела кои се работени во техниката акрил на хартија. Споделувајќи го богатото актерско искуство, размислувајќи за самата визуелна концепција која што може да се вгради во неговите дела Струмениковски почнува од фактот дека може со неколку архитипски фигури како што се човекот, коњот, птицата дадени во некоја еспресивна форма на некој начин интегрирани, да извираат од средиштето на сликата и на тој начин да се обиде да даде една симболика на една интеракција меѓу животот, живиот свет и на тој начин да направи една продукција на слики, каде што можеме да видиме една сложена структура на композиција која во разни контексти нагласува определена приказна која сака самиот автор да ја потенцира-дополни Цветковски.

Струмениковски остварил над дваесет самостојни изложби, а учествувал и на повеќе групни. Изложбата во Центарот за култура ќе биде поставена наредниве две седмици.

 

Коментари

коментар(и)