Пешачка патека од Карпош до Иго Тричковиќ?!

Ќе се гради пешачка патека на потегот од населба Карпош до Иго Тричковиќ, најави градоначалникот Максим Димитриевски одговарајќи на советничко прашање на советникот Миле Андоновски, дали постои можност да се изготви проектна документација за изградба на пешачки и велосипедски патеки на неколку патни правци во Куманово.

– Зборувам за изработка на техничка документација или проектирање за изградба на тротоари и велосипедски патеки на потегот Куманово – село Речица, на потегот Куманово -населба Карпош, на кружниот дел кај Иго Тричковиќ и на потегот Куманово -Долно Којнаре. Постојат просторни можности, во најголем број случаи земјиштето е во сопственост на државата, рече Миле Андоновски, советник

-Супер е идејата. Овде се работи за категоријата регионални патишта кои што се под комплетна надлежност на државата и Вие знаете, бидејќи управувавте и раководевте со еден орган дека обезбедувањето на дозволите оди многу,  многу потешко и со посебен Правилник е регулирано сето тоа. Повеќе од потребно е изградба на пешачка патека која што ќе ја поврзе населба Карпош со населба Ајдучка чешма и населба Иго Тричковиќ бидејќи ризикот е огромен. Исто така, постои пешачка патека која што е делумно изградена од населба Карпош до влезот на градот. Добро би било, идејата е добра за размислување. Искрено, во овој момент не можам да дадам одговор, треба да се видат и финансиските апликации за тој проект, но првенствено и колку тој би можел да биде реално согласно законот имплементиран затоа што актите кои што се на сила во моментот не ни даваат голем простор да делуваме на таа тема. Ние нарачавме еден проект за изградба на пешачка патека од населба Карпош до населба Иго Тричковиќ, една од страните за да се овозможи непречено движење на децата бидејќи одат на училиште и ја користат оваа траса. Тој проект е во фаза на подготовка и се работи за донација од страна на една куќа која што изработува проекти, следната фаза би била да бараме средства да ги имплементираме тој проект, изјави Максим Димитриевски, градоначалник на Куманово

Советникот Андоновски побара одговор и од Секторот за комунални дејности дали и колку согласности или дозволи се издадени за поставување на нови летни тераси и дали при поставување на затворените бавчи кои што се на дел од тротоарите се почитуваат критериумите кои што произлегуваат од Законот за безбедност во сообраќајот , а се однесува на прописно одвивање на пешачкиот сообраќај. Во однос на ова прашање, Секторот за комунални дејности ќе достави писмен одговор до советникот Андоновски. 

Коментари

коментар(и)