Почна масовната имунизација во Куманово (ВИДЕО)

Куманово е меѓу шестте градови во кои од денеска почна масовната имунизација. Вакцинирањето се спроведува во спортската сала на средното училиште „Перо Наков“ во населбата Бедиње. Вакцинацијата ја реализира медицински персонал од Здравствениот дом и засега таа се одвива непречено, согласно протоколите за заштита. Поставени се 15 пунктови, а во моментов работат 6 екипи. Имунизацијата ќе се спроведува со кинеската Синофарм вакцина, а на располагање има 4.200 вакцини.

-Веќе 10 дена се подготвуваме за да започнеме со масовната вакцинација. Како што знаете засега се дава кинеската вакцина, има голем број заинтересирани, особено постарата генерација, денеска имаме термини имаат дојдено повеќето од закажаните, но има и кои не се дојдени веројатно имаат причини бидејќи се постари луѓе, засега вакцинацијата се одвива нормално без никаков проблем-вели Фарук Алили, директор на Здравствен дом Куманово.

Согласно планот е предвидено дневно да се вакцинираат по 1.000 лица. Началничката на Здравствениот дом, Јовановска укажува дека на располагање во овој регионален центар ќе бидат 30 медицински сестри и 15 лекари од оваа здравствена установа.

-Задоволни сме организиравме луѓето доаѓаат меѓутоа со оглед на тоа што се работи за постара популација, тие се врзани за своите најблиски да ги придржуваат. Но засега иако има многу термини се е во ред. Од денеска боцкаме со кинеската класична вакцина, направена од вирусот, со намалена вирусот инактивиран е, не дава никакви поствакцинални реакции, се дава во две дози на растојание од 21 ден-укажа таа.

Овие денови е предвидено да се вакцинираат пациенти над 80 години, но се очекува наредните денови да се намалува и старосната граница. Досега во Куманово се вакцинирани 1.400 лица.

-Од утре сите медицински лица со потврда можат да дојдат овде и да се вакцинираат, без оглед дали се од државни или приватни ординации-потенцираат од Здравствениот дом.

Инаку во регионалниот центар покрај кумановци ќе се вакцинираат и жителите на Липково, Старо Нагоричане, Кратово, Крива Паланка и Ранковце.

Коментари

коментар(и)