Во скопскиот Основен суд, утре треба да започне судскиот процес против 29-те обвинети кои биле дел или помагале на вооружена група која на 9-ти и 10-ти мај минатата година во Диво насеље се сури со полицијата во Куманово.
Според обвинителниот акт тие ќе одговараат за кривично дело тероризам и за нарушување на уставниот поредок на државата. Во 28 часовниот вооружен судир, загинаа осуммина припадници на безбедносните сили, а 30 беа повредени.
За наводите во обвинителниот акт кој Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција го поднесе против обвинетите, во судот беше одржана јавна седница.
Тогаш сите обвинети се изјаснија како невини, а нивните адвокати го оспоруваа обвинението со тврдење дека истрагата за случајот не е правилно спроведена и побараа случајот да биде предаден на Специјалното јавно обвинителство.
Обвинителството на јавната седница тврдеше дека кога лицата биле приведени, 18 од нив носеле униформи со ознаките на УЧК.
Беа презентирани и анализи од доказите и дека во периодот од 27 април до 8 мај биле користени посебни истражни мерки.
Според Обвинителството, анализите покажале дека доказите подигнати од кумановската Дива населба се совпаѓаат со биолошките траги подигнати од караулата во Гошинце.