Презентиран извештај за спречување на дискриминација врз ромските деца

Дел од децата Роми кои што живеат во Македонија се дискриминирани. На терен идентификувани се вкупно 104 случаи за кои се отворени 71 предмети распоредени во седум области на делување: социјална заштита, добра и услуги, здравствена заштита, матична евиденција, домување, образование и управни работи при Министерството за внатрешни работи, информира Ирфан Мартез од здружението на граѓани Национален ромски центар Куманово. Ова се само дел од областите на дискриминација кај децата Роми, регистрирани во  Извештајот „Дискриминација на децата Роми, меѓународна и домашна регулатива, национални политики и институционална поставеност – анализа на случаи од терен” што беше презентиран на завршна конференција „Без разлики“ во Скопје,  а е дел проектот „Спречување на дискриминација кон ромските деца“.

– Најголем број од случаите се за упис во матична евиденција. Тоа беше истакнато и на конференцијата и јас се надевам дека ќе има некаков резултат од таа презентација на извештајот , на заклучоците и препораките и дека институциите ќе имаат увид и ќе преземат некои чекори до промена. Сите обрнуваат внимание на децата на улица, тоа е факт, за жал, но сепак и покрај тој факт не треба да ги занемариме и другите бројки во образование, во здравство, во социјална заштита. И таму се доста големи ризиците и случаевите, а посебно во уписот на матична евиденција, има многу голем број не запишани деца во матична евиденција, изјави Ирфан Мартез од Националем ромски центар Куманово  

Извештајот е изработен од Националниот ромски центар од Куманово, во партнерство со Асоцијацијата за истражување, комуникации и развој, „Паблик“, а на воведната конференција беше презентиран од авторот Реџепали Чупи. Инаку, на завршната конференцијата се обрати и премиерот Зоран Заев, кој рече дека државата има обврска да изгради едно општество за сите, а свое обраќање имаше и извршниот директор на НРЦ Ашмет Елезовски.

– Никој не смее да биде дискриминиран, ниту запоставен. Најмалку тоа смее да биде некое дете, особено децата од ранливите категории. За нас, таквите права и достоинствен живот за сите се искрена верба дека тоа е патот до успешна заедничка држава, дом за сите – рече Зоран Заев, премиер

Целта на проектот, финансиран од ЕУ е промоција на социјалната интеграција на ромските деца во општеството преку ефективна заштита на нивните основни човекови права.

За надминување на ваквите состојби, се наведува во извештајот, треба да работи на подигнување на свеста и капацитетите во институциите и кај граѓаните за заштитата од дискриминација, да се зголеми свеста за препознавање за дискриминација, особено кај жртвите припадници на ромската заедница. За надминување на констатираните состојби неопходно е домашната законската регулатива побрзо да се  усогласи со меѓународното право и обврските што државата ги има прифатено, но и да се подобри имплементацијата на националните политики.

-Затоа се и заклучоците и препораките од овој извештај со цел институциите , државата да ги разгледа, да ги примени во својата употреба и секако да се донесат овие случаи не само до нивно решавање, туку и до целокупна промена на состојбата со дискриминацијата кон ромските деца, изјави Мартез.  

Активностите во рамки на проектот се имплементираа изминатите две години во општините Куманово, Крива Паланка, Кичево, Кочани, Штип и Прилеп.

Коментари

коментар(и)