Промовиран „Историјата на кумановскиот бокс“

„Боксот во Куманово има успешна и долга традиција, а се започна во Соколана каде што се организираа првите боксерски мечеви. Потоа боксерските настани се селат на Градскиот стадион, па во популарното кино Бавча -Козјак, а понекогаш и во домот на ЈНА“ , рече актерот Горан Илиќ  на синоќешната промоција на документарниот филм „Историјата на кумановскиот бокс“ . Документарецот е заедничко дело и труд на марјан Стошевски и Марјан Јаневски – Шалајко.

Стошевски се надева дека ова дело трајно ќе остане во витрините на боксерскиот клуб во Куманово, кој е најголем бренд на градот.  

Ова е втор документарен  филм изработен од Марјан Стошевски, а посветен на спортот и спортските објекти во градот.

Во јануари минатата година беше промовиран документарниот филм “Соколана – нашата гордост“, кој ја раскажува историјата на едно од најзначајните обележја на Куманово – спортскиот објект Соколана.

„Куманово е град со минато, а кога имате минато многу е лесно да создавате иднина“, рече градоначалникот Максим Димитриевски , по промоцијата на документарниот филм за боксот.

-Денеска имаме голем потенцијал  и капацитет, имаме кој да ни ги научи децата  да бидат врвни спортисти, рече Максим Димитриевски, градоначалник  на Куманово

Промоцијата на филмот во траење од 35 минути се одржа во свечената сала на Занаетчискиот дом.

Коментари

коментар(и)