Прославен „Свети Архангел Гаврил“ во Карпош

Верниците од Куманово во присуство на митрополитот кумановско-осоговски господин Јосиф  денеска го прославија празникот Собор на Св. Архангел Гаврил во црквата која го носи името на овој светец во населбата Карпош. По светата архиерејска литургија, владиката Јосиф освети  вода и го пресече празничниот  колач.  Кумството две години по ред е  во исто семејство.

Дел од денешните посетители го слават овој празник како домашна слава, некои како именден, а пак останатите дошле да запалат свеќа и да се помолат за добро здравје и среќа. Жителите на населбата Карпош велат дека со нетрпение го очекуваат внатрешното уредување на овој храм,  каде ќе можат во помасовен број да ги чествуваат сите православни празници. Но, посочуваат дека  треба да се уреди и просторот околу црквата бидејќи кога врне, како што се случи утрово граѓаните нема каде да ги паркираат возилата бидејќи земјената површина беше поплавена со вода,  а само дел од приодниот пат до асфалтот беше посипан со песок.

Црквата „Свети Архангел Гаврил“ се гради со средства обезбедени од донации на бизнис заедницата и на верниците. Изградбата на овој храм, започна пред десетина години на иницијатива на кумановското свештенство и на здружението „Коледари“, почитувачи на традицијата. Црквата е со површина од 400 метри квадратни.  Свети Архангел Гаврил се празнува веднаш по празникот Благовештение како учесник во настанот, односно како гласник на зачнувањето на Спасителот.

Коментари

коментар(и)