Протест на мештаните од Табановце

Жителите на Табановце утрово четири часа го блокираа локалниот пат кој што води кон транзитниот центар Табановце. Асфалтирање на пристапниот пат од еден километар и 300 метри кон постоечкиот асфалт во селото е главното барање кое што мештаните го упатуваат до меѓународните организации кои што секојдневно им помагаат на бегалците. Мештаните обвинуваат и дека во кампот се вработуваат лица по партиска и пријателска врска. Од вкупно 110 вработени, само 18 се од селото, на кои што веќе два месеца не им е исплатен хонорарот, вели претседателот на месната заедница Тони Петровиќ.

-Децата навечер не смееме да ги пуштиме да прошетаат, а што се однесува до вработените во кампот , дел од нив се избркани – жители на Табановце. Моментално ние бараме од организациите во кампот да ни се направи асфалтен пат во најскоро време, инаку патот ќе бие блокиран додека не биде склучен тој договор. Дојде ден да го кренеме гласот бидејќи почнаа да ги бркаат луѓето, плати не им даваат, изјави Тони Петровиќ, претседател на МЗ Табановце

Жителите на Табановце имаат и други проблеми во селото.

– Да се обезбеди вода, вентилите да се санираат, изјави Љубомир Стефановиќ, жител на Табановце

– Овие од кампот одат во продавница секојдневно, патот е ископан, бидејќи возат државни возила не гледаат во која брзина одат, прав се крева кон куќите, изјави Милорад Анѓелковиќ , жител на Табановце

-Во кампот примени се 90 проценти луѓе од Куманово и од други села , не се водело сметка за материјалната и финансиската состојба на луѓето, има луѓе кои воопшто не требало да се вработат во кампот, имаат станови, мерцедеси, вработувањата во кампот одеа преку пријателски и партиски врски, изјави Слаѓан Арсиќ , жител на Табановце

Раководителот на транзитниот центар Табановце Горан Стојановски  признава дека мештаните имале штети од протокот на бегалците низ селото, но тоа е одамна  надминато со ограничувањето на просторот на движење на бегалците односно со оградувањето на кампот. Стојановски вели дека се прават максимални напори во преговорите со меѓународните организации со цел да се помогне на месното население. Техничката документација и проектите за асфалтирање на патот и за ревитализација на водоводната мрежа веќе се изготвени , но се бара финансиер.

– Бараме донатор- меѓународна организација која што ќе може да одвои дел од своите средства и да ги намени  исклучително  за потребите на ова месно население , но сите проекти кои што ги имаат меѓународните организации се поврзани за бегалците, овој пат е дислоциран од кампот на километар ипол, тој не е во близина на бегалскиот камп и затоа сите се оградуваат и велат ние не можеме толку средства да инвестираме. Имавме една понуда од јапонците и холанѓаните тоа одеше и преку локална самоуправа , мислам дека чекаме изјаснување  од нивна страна да видиме што понатака со патот, изјави горан Стојановски, раководител на Транзитен центар Табановце

Стојановски се надева дека меѓународните органзиации ќе помогнат со напомена дека во финансирањето мора да учествува и локалната самоуправа со одреден дел средства.

Коментари

коментар(и)