Редуциран јавниот линиски превоз

Од денеска возниот ред во јавниот лински превоз во Куманово е редуциран. Станува збор за возен ред кој важи за време на зимскиот и летниот училишен распуст, како една од препорачаните мерки за превенција за ширење на вирусот. Во соопштението на Општина Куманово кое што вчера попладне беше испратено до медиумите се вели: Секторот за комунални работи, инфраструктура и сообраќај и заштита на животна средина и природа при Општина Куманово ги информира граѓаните дека согласно новонастанатата актуелна состојба со корона вирусот на територија на Република Северна Македонија,  во наредните две недели општинскиот линиски превоз на патници на територија на општина Куманово ќе се одвива по редуциран возен ред. Транспортните компании коишто вршат линиски превоз во градот, ги дезинфицираат своите возила, приклучувајќи се на иницијативата за спречување на ширењето на коронавирусот.

Од денеска затворен за сообраќај и патници е и граничниот премин Прохор Пчински, на српско-македонската граница, со одлука на Владата на Србија, а како заштита од корона вирусот.

МВР вчера попладне информираше дека  сите патници и возила од граничниот премин Пелинце на македонска страна ќе се пренасочуваат на зaедничкиот граничен премин Табановце- Прешево.

Согласно препораките на Владата и министерството за здравство, од вчера основните и средните училишта, факултетите, градинките, центрите за ран детски развој, дневните центри , базените, не работат на целата територија на државава, а од утрово не работат ниту библиотеките. Мерката важи до 24 март.

Инаку, девет лица е последната официјална бројка за заразени со коронавирусот во земјава. Мерките што ги донесе Владата се спроведуваат. Учениците и хронично болните не одат на училиште и на работа. Здравствените работници не смеат да користат одмори, платено и неплатено отсуство.  За лажните вести следат  санкции. На светско ниво е прогласена пандемија.

Покрај училиштата препорака е да прекинат со работа и студентските и ученичките домови во наредните 14 дена. Да не се преполнуваат игротеките,  надвор да нема големи групи деца на мало растојание.

Мерките и препораките не важат за вработените лица во Министерството за внатрешни работи, Министерството за здравство, Министерството за одбрана, Армијата на Република Северна Македонија, противпожарните територијални единици, Царинската управа, како и домовите за нега на стари лица и мали групни домови да се изземат од сите заклучоци, мерки и препораки на Владата.

Коментари

коментар(и)