(ВИДЕО) Ротари клуб Куманово в недела организира велосипедска трка на Студена вода

Ротари клуб Куманово заедно со Ротаракт и Инервил клубовите, а со огромна помош на CROSS Cycling клубот, во рамките на годишната програма на клубот организира велосипедска трка во дисциплината планински велосипедизам. Настанот „ Rotary ECO Cycling“ ќе се организира во селото Доброшане, на 30-ти мај (недела) со почеток во 11.00 часот, а регистрацијата на учесниците ќе биде од 10.00 до 10.45 часот, информира Горан Арсовски, претседател на Ротари клуб Куманово.

„ Rotary ECO Cycling “ во организација на Ротари клубот од Куманово ќе се одржува секоја година, а средствата ќе се користат за проекти од интерес на велосипедистите, но и воопшто на сите љубители на природата.

„Оваа година средствата, заедно со средства собрани во други акции,  ќе бидат искористени за воздушно запрашување за сузбивање на штетниот бороб четник на истата локација каде ќе се организира трката и каде голем дел од нашите сограѓани го поминуваат слободното време, спортувајќи и релаксирајќи се“ . Доколку во меѓувреме, надлежните институции го решат овој проблем, тогаш средствата ќе се пренаменат за друг проект, но пак во интерес на велосипедистите“, вели Арсовски.

Спонзори на велосипедската трка се Алфи Техномаркет, сокара Кватро, Арис деграс , МР ТОНЕР и ТВ Плус.

Арсовски ги поканува сите граѓани кои што се љубители на природата, особено на планинскиот велосипедизам в недела да земат учество во трката на Студена вода и давајќи го својот прилог да покажат дека навистина се екологисти и навистина сакаат поздрава животна средина. Котизацијата за членовите на Ротари клуб Куманово е 1000 денари, а за сите други учесници – 500 денари.

Според организаторот, ќе се натпреваруваат велосипедисти и во машка и во женска конкуренција од сите старосни групи во една трка.

„Награди има обезбедено од спонзорите за сите натпреварувачи, а за најдобрите ќе има посебна награда, пехар и медали. Имаме обезбедено награди и за најдобро пласирана натпреварувачка и за најдобро пласиран натпреварувач помлад од 16 години“,  изјави Арсовски.

 

Коментари

коментар(и)