СДСМ: Насилниците се прикажуваат како жртви

Односот на МВР кон инцидентот во кој физички е нападнат пратеникот Максим Димитриевски ја покажува на дело партизираноста на полицијата и е уште еден аларм зошто мора итно да има промени и нова Влада која ќе се грижи за граѓани, истакнаа на денешната прес-конференција од општинската организација на СДСМ. Од таму додаваат дека физички напад и насилство извршиле несовесни припадници на МВР во цивилна облека и алкохолозирана состојба.

-МВР наместо сериозно да се зафати со разгледување на случајот, недозволиво излезе со конструирани клевети кон пратеникот, без да ја слушнат неговата изјава. Не е запазена процедурата да не се излегува со предвремени информации, додека не заврши истрагата. Дополнителна потврда дека не се знае што е МВР, а што ВМРО-ДПМНЕ покажуваат прес конференциите на партијата на Груевски во заминување од власт, којашто си дозволува да коментира случај во надлежност на полицијата-истакна портпаролот на СДСМ, Сашо Тодоровски.

Тој нагласи дека институциите се узурпирани од кадрите на раководството на ВМРО-ДПМНЕ кои монтираат случаи со кои насилниците ги прикажуваат како жртви.

-Укажуваме дека професионалците во МВР и органите на истрагата се должни реално да ја утврдат фактичката состојба и да поднесат соодветни пријави за насилство врз Димитриевски и неговото семејство-изјави Тодоровски.

Од општинската организација на СДСМ  побараа претседателот на општински комитет на ВМРО-ДПМНЕ јавно да се извини за лагите и клевети против Димитриевски кои се изнесени на вчерашната конференција, или во спротивно нагласија ќе следи соодветна постапка.

Коментари

коментар(и)