Се одржа поетско-музичка вечер

Во Центарот за култура „Трајко Прокопиев“ синоќа во 19 часот се одржа петта по ред поетско музичка вечер, која е во организација на Здружението на граѓани Друштво на писатели на Куманово. На манифестацијата беа наградени најдобрите творби  на учениците од  основните и средните училишта од градот, кои учествуваа на литературниот конкурс кој го распиша Друштвото на писатели.  Претседателката на друштвото, Божана Перо Трајковска истакна дека целта на оваа поетско музичка вечер е да се поттикне младата популација повеќе да чита и твори.

-Имаше многу творби преку 120, комисијата имаше поголема мака во поглед на прегледувањето меѓутоа успеа да ги селектира и на тој начин малку да ги поттикнеме сите учесници од училиштата. Доделивме три први, втори и трети награди.  Инаку темата беше Среќа и Мигранти на денешнината, а во основните Подарок и Случка-наведе Трајковска.

Присутните освен наградените творби имаа можност да слушнат поезија и од истакнати кумановски поети. Учениците истакнаа дека уживаат во пишувањето, без оглед дали се работи за поезија или проза.

-Мојата тема беше мигранти на денешницата и всушност ме поттикнаа случувањата кои секојдневно се случуваат во нашата земја низ сето она што поминуваат мигрантите. Тие не знаат ни каде точно ќе стигнат не знаат ништо. Како што напишав во песната, станува збор за луѓе на кои им се гледа во очите бол и очај-изјави Исидора Димитриевска, од СОУ гимназија Гоце Делчев.

-Повеќепати учествував на ваков конкурс, но ова е прв пат јас да освојам награда и тоа втора, за делото со наслов Среќа. Секогаш барам инспирација од моите најблиски и  тие понекогаш можеби содржат и трагични настани, но сакав да пишувам на оваа тема. Мислам дека може многу да се искористи и фантазијата и се што е во нас-истакна Меланија Герасимовска, ученичка во СОУ гимназија Гоце Делчев.

Инаку со музичка точка пред кумановци настапија учениците од гимназијата Гоце Делчев, како и градскиот детски хор, под водство на Милена Митковска и пијано придружба на Марко Митковски.

 

 

 

Коментари

коментар(и)