Се отвори изложбата „Денот на планетата Земја“

Во основото училиште Наим Фрашери денеска се отвори изложбата на слики на ученици од основните и средни училишта од градот, на тема Денот на планетата земја. Истата ја организираше Здружението за доброволна волонтерска работа Кумановски акцијаши. Оранизаторите истакнаа дека основната цел била да ги поттикнат младите да размислуваат на оваа тема и сето она што го гледаат како сопствена визија да го пренесат на хартија.

-Не им дадовме ограничување на техниката, слободна техника, акварел, темпера, молив, туш, што било и на мое и наше задоволство имаме навистина убави дела каде што она размислување на самите ученици е разновидно секој на свој начин го гледа сето тоа. Инаку оваа активност е во онаа насока што ние како здружение се обидуваме да го поттикнеме развојот на еколошката свест и култура, активностите по повод денот на планетата земја се активности во рамки на нашиот глобален проект за 2017 година Зелено Куманово кој како што знаете е сочинет од повеќе делови каде што има уредување на рекреативно излетнички места, споменички комплекси, училишни дворови и слично-истакна Јусуф Љатифи од Кумановски акцијаши.

На изложбата учествуваа ученици од основните Наим Фрашери, Браќа Миладиновци и Крсте Мисирков, како и сите пет средни училишта.

-Изработив цртеж на кој е претставена планетата земја во облик на око кое плаче и кое всушност носи порака дека треба да престане глобалното загадување кое  ни е случува секојдневно на реките и сите води на планетата земја која е составена од 70 проценти вода затоа тоа го избрав да го претставам на цртежот-истакна Ева Стојановска ученик од Крсте Мисирков.

Од Кумановски акцијаши информираа дека и во иднина ќе продолжат да работат на теми за заштита на животната средина. Наскоро ќе започнат со награден ликовен и поетски конкурс по повод 5-ти јуни Светскиот ден за заштита и унапредување на животната средина.

 

 

 

 

Коментари

коментар(и)