Се судрија автобус и товарно возило

Жител на Кратово се здоби со тешки телесни повреди при судир на товарно возило „фолксваген  кади“ и автобус на магистралниот пат Куманово -Крива Паланка, во близина на Страцин. Во сообраќајната несреќа што се случи вчера попладне околу 17 часот повреден е 47 годишен кратовец, возач на „пикапот “  со кумановски регистарски таблички кој во моментот бил сам во возилото. За среќа, 49 –темина  патници во автобусот со бугарски национални ознаки кои што биле на еднодневна екскурзија во Скопје и се враќале назад,  не се повредени. Видно вознемирени и исплашени од тоа што го доживеале туристите од Дупница  не сакаа јавно да раскажат  што конкретно се случило. Благодарни се  за присебноста што ја покажал возачот во  критичниот момент и што автобусот не се превртел.  Освен што доживеале траума од несреќата, тие неколку часа останаа на асфалтот да го чекаат автобусот испратен од Дупница за да ги  врати дома.

Според информациите на СВР Куманово,„пик-апот“ се движел од Крива Паланка кон Куманово, по што возачот изгубил контрола и преминал на спротивната сообраќајна лента  и се судрил со автобусот кој пак се движел од Куманово кон Крива Паланка.

Веднаш по сообраќајката, повредениот  со возило на Итна помош е префрлен на Хирургија во кумановскиот Ургентен центар каде што по испитувањата е констатирано дека има скршеница на ребро заради што  е задржан на болничко лекување.

Како што соопштија од СВР Куманово, возачот кој што ја предизвикал сообраќајната несреќа бил под дејство на алкохол, 3,2 промили алкохол во крвта му се измерени веднаш по несреќата.

Коментари

коментар(и)