Советниците бараат дислокација на дрвосечачите

Со доаѓањето на летниот период и тротоарите околу зелениот пазар секоја година  се окупираат  од трактори и други превозни средства во кои што се продава најчесто бостан и пречат во движењето на пешаците, но и во сообраќајот. За овој проблем се дискутираше на последната седница на советот на општината кога советникот Мирослав Стојановски ги праша  надлежните кога ќе бидат дислоцирани возилата.

Градоначалникот Зоран Дамјановски потенцираше дека во соработка со полицијата и со инспекциските служби често организираат акции за отстранување на тие возила, но по неколку денови тие повторно го узурпираат просторот околу пазарот.

Од секторот за инспекциски надзор пак истакнаа дека поради преголемата ангажираност на фирмата која што го добила тендерот, веќе закажаната акција била откажана. Но, ќе се спроведе многу брзо.

Како што најави раководителот  Лазаревска, акцијата за отстранување на нелегалните продавачи  околу пазарот беше спроведена вчера со асистенција  на полицијата, но денеска повторно несовесните продавачи се вратија на троторите со своите возила.

Јавните површини и тротоари не само што се узурпираат околу зелениот пазар, тоа со години се случува и пред самиот влез на државниот архив на улицата Борис Кидрич, спроти автобуската постојка кај медицинскиот центар, истакна советникот Стојановски и праша кога општината ќе изнајде соодветно место за дрвосечачите.

Градоначалникот Дамјановски вели дека и покрај тоа што има обезбедено место за превозниците со мотокултиватори и дрвосечачите спроти маркетот Туш,  сепак тие многу тешко ќе ја прифатат новината да бидат сместени подалеку од центарот на градот.

Од локалната самоуправа се надеваат дека со упорност и со заедничка акција на инспекциските служби и полицијата ќе успеат во наредниот период дрвосечачите  и превозниците со мотокултиватори да ги преселат на паркинг просторот на влезот во населбата Перо Чичо.

Коментари

коментар(и)