Со премиерната изведба на претставата „Солдат“, Театар Куманово вчеравечер го затвори 23-то издание на Меѓународниот фестивал „ Денови на комедија“. Во дуодрамата која ја режира Бојана Краљевска играат актерите Сања Русеска и Марко Трајковиќ. Велат, презадоволни се од реакциите на публиката.
-Реакциите од публиката ме воодушевија, не очекувавме дека ќе има такви реакции. Многу е потешко да се задржи вниманието на публиката кога се двајца на сцената како оваа дуодрама, изјави Сања Русеска, актер во Театар Куманово
И надлежните од НУЦК „Трајко Прокопиев“ се задоволни од претставата, но и од фестивалот кој се одржа во услови на пандемија со посебни протоколи. И годинава настапија комедии од соседните држави.
-Се заблагодаруваме на публиката која што максимално ги испочитува сите мерки кои беа предвидени, а исто така се извинуваме на сите оние кои оваа година не успеаја да дојдат до билет и се надевам дека идната година фестивалот исто така ќе биде успешен и да можеме да се видиме во некои други поинакви услови. Оваа година, според публиката беше избрана најдобрата претстава, тоа е претставата на Театар Комедија Скопје, „Човек, ѕвер и доблест“. Наградата ја дадовме на директорот на театарот, а очекуваме и идната година да ја продолжиме оваа традиција со воведување на некои други награди, за најдобра режија, за најдобра сценографија, најдобар млад актер, млада актерка. Оваа година не спречи пандемијата во тоа, меѓутоа идната се надеваме дека ќе ги реализираме и тие планови, изјави Сашо Тодоровски, директор на НУЦК „Трајко Прокопиев“
Првото репризно издание на претставата „Солдат“ е закажано во вторник, на 13-ти октомври. Билетите ќе бидат бесплатни, пуштени онлајн на страната на Театар Куманово во понеделник околу 10 часот, информира директорот Тодоровски. Бесплатно ќе бидат доделени 47 билети.
Инаку, драматург на претставата е Сашо Костовски, вработен во НУЦК „Трајко Прокопиев“ .
– Дилемите за успешноста во личниот, семејниот и општествениот живот на еден регрут, потенцијален солдат, се афирмираат, потврдуваат и негираат лице в лице со неговата регрутерка. Неговите смешни обиди да „падне“ на регрутацијата не влијаат многу на едноставноста, но суровата воена администрација. Со ваков однос на силите, на крај, не се знае за кого исходот од оваа битка еден на еден е среќен исход, напиша Костовски за претставата.
Оваа година, согласно протоколите наместо исполнетите 677 места, претставите ги проследуваа само 100-тина гледачи. Билетите беа доделени онлајн.