Во текот на синоќешното интервју во емисијата СТАВ, министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, зборваше и за бројните едукативни проекти и превентивни активности во кои се вклучени и општините, училиштата, локалните заедници.
„Превентивата е една од најважните работи во делот на безбедноста. Па ако сакате и не само во делот на безбедноста, туку и во другите сфери на општественот живеење…Меѓутоа кога зборуваме за безбедноста, јас сум посебно горд на одделите за превенција во МВР, а коишто директно воспоставија комуникација со локалната заедница, со институциите, и на тој начин ги избираат темите на коишто треба да работат, односно што е тоа што треба да го подобриме за да ја керенеме јавната свест. И мора да истакнам дека еден од подобрите оддели за превенција е токму овде, во СВР Куманово – една добра екипа којашто многу посветено работи и дава навистина добри резултати. Работи со ученици, со млади со нивни родители, каков што беше проектот за заеднички патроли со полицијта. Тоа се работи на целата територија на државата“, објасни министерот Спасовски за бројните превентивни активности од различни области и теми, на ниво на сите сектори за внатрешни работи во државата.
Според Спасовски, најмалата инвестиција е во делот на превенцијата, меѓутоа мора да има добро поставен систем. „Јас сум длабоко убеден дека во образовниот систм мора да се вградат одредени сегменти коишто од мали нозе ќе ги учат, ќе ги воспитуваат најмладите, а понатаму ќе се пренесува низ животот. Така сите заедно ќе направиме реформа во нашто размислување, во начинот на однесувањето. Бидејќи тоа е најважната работа! Реформата не значи измена само на некое законско решение. Ние не сме јаа постигнале целта ако тоа законско решение не донесе реформа и во спроведувањето. А таму каде што немаме можностите превентивно да ги ставиме работите под контрола, тука е за жал и репресивниот апарат, којшто е на располагање на МВР и од којшто нема бегање. Она што сакам да истакнам дека во сите овие превентивни активности помош и поддршка имаме од медиумските работници“, посочи Спасовски, упатувајќи благодарност до медиумите што партнерски се вклучуваат во зацртаните превентивни активности на МВР.
Така, по релизацијата на бројни активности во текот на летото како дел од Оперативниот план „Безбедно лето 2022“, со започнувањето на учебната година, одделенијата за превенција отпочнаа превентивен проект „Безбедност во училиштата“, во рамки на кој се реализираат едукативни работилници по основните училишта, а од учениците од седмо, осмо и деветто одделение се формираат Клубови за превенција, чија суштина е преку нив да ги заштитат своите права, но и да се заштитат од опасностите и заканите од девијантните форми на однесување.
Деновиве, пак, СВР Скопје стартуваше уште еден превентивен проект наменет за младите, овојпат од средните училишта, насловен „За безбеден град“, во чии рамки е планирано да се реализираат превентивни активности на теми од областа на безбедноста во 23 средни училишта на подрачјето на град Скопје преку формирање на тимови за безбедност кои ќе ги сочинуваат претставници од училиштето, родители, ученици и полициски службеници.
„Имаме една добра превентивна акција со УНДП, што се однесува на незлоупотреба на мало и лесно оружје под мотото ‘Секој куршум има мета – слави со срце, не со оружје’. Сакаме и во тој дел да направиме сè за овие случувања кои се претежно на свадби, веселби и сл., да бидат сведени на минимум или воопшто да ги нема, заради тоа што навистина ја загрозуваат сигурноста“, подвлече министерот Спасовски, притоа информирајќи дека за најголем дел од случаите за злоупотреба на оружјето веќе се поднесени и кривични и прекршочни пријави.