Средношколците не се откажуваат од своите барања

Средношколците од градот денеска одржаа мирен собир на Градскиот плоштад, преку кој упатија порака дека планираат да продолжат со својата борба за подобро образование. Тие со свои говори ги потсетија надлежните дека бараат да се укине екстерното тестирање, и да се изнајде нов модел кој ќе биде прифатлив за сите засегнати страни, а полагањето на државна матура да остане по стариот модел.

-Ќе се говори за изминатиот циклус на екстерно тестирање за матурантите но и за средношколскиот пленум како пример за заедништво меѓу учениците и како тоа желбата за подобро образование ги сплоти учениците по многугодишните поделби на најразлични основи. Во изминатиот период докажавме колку сме упорни и дека ние нема да застанеме во нашата борба за подобро образование така што се додека не биде слушнат нашиот глас ние ќе продолжиме со нашите активности. Откако ќе заврши овој собир ќе се собреме на уште еден генерален пленум на којшто ќе разговараме од каков тип ќе ни бидат следните активности-изјави Никола Крстевски, од средношколскиот пленум.

Тие сметаат дека вака поставениот модел на екстерно тестирање кој е систем на награди и казни, не претставува реална проверка на знаењето на учениците.

Средношколците истакнаа дека немале притисок од наставниците и директорите за одржување на собирот. Велат дека единствено им било забрането протестот да започне пред гиманазијата Сами Фрашери.

 

 

 

Коментари

коментар(и)