Традиционална Светосавска академија

Светосавска академија по повод националниот празник на Србите во Македонија , Свети Сава викендов се одржа во кумановскиот театар. На традиционалната манифестација во организација на Српската заедница во Македонија,  регионален одбор Куманово и Демократската партија на Србите во Македонија пред присутните се обрати Далибор Китановиќ повикувајќи на заедништво.

-Вечерва сме заедно со оваа скромна и достоинствена свеченост уште еднаш посветло да го оживиме и ојакнеме тој светосавски дух, да повикаме на заедништво, на соединување , да посакаме мир и благосостојба, рече  Далибор Китановиќ, претседател на КУД „Српски вез“

Претседателот на Одборот за дијаспора и Србите во регионот Миодраг Линта на Светосавската академија потенцираше дека Р.Србија преку министерството за култура и информирање, како и преку Управата за дијаспора за Србите во регионот ги подржува проектите  на српските организации и здруженија  со желба да се зачува српскиот национален културен идентитет на Србите во регионот и дијаспората.

-Нашиот Одбор за дијаспора за Србите во регионот има одлична соработка со претставниците на Србите во Македонија и во другите држави во регионот. Јас секогаш потенцирам дека е потребно нашата матица уште посилно, уште повеќе го помага зачувувањето на иденитетот на Србите во Македонија и во другите држави во регионот, го помага јакнењето на врските на Србите во Македонија и во другите држави со својата матица. Тоа е борба која треба да се води постојано, рече Миодраг Линта, претседател на Одбор за дијаспора и Србите во регионот

Според претседателот на Одборот на дијаспората , Линта , надвор од Р.Србија живеат околу 4 милиони Срби , околу два милиона во државите на територијата на поранешна Југославија , а останатите српски државјани во Америка, Австралија, европските држави.  

Манифестацијата беше збогатена со настапоте на актерите од Народниот театар од Белград, Лазар Дубовац и Ташана Ѓорѓевиќ, познатиот музички состав „Ступови“, како и КУД „Српски вез“  со неколку свои кореографии.

Светосавската беседа ја  прочита познатиот српски режисер, публицист  и писател Драгослав Бокан.

Коментари

коментар(и)