Укшини бара оставка од Стојковски

„Куманово ќе има проблем со вода, се додека Горан Стојковски е директор на јавното претпријатие „Водовод“, тврдат од Кумановско-липковско поле. Затоа бараат тој да си поднесе оставка, а тие ветуваат дека проблемот со водоснабдувањето на градот ќе се реши за 5 дена.

-Нека поднесе оставка за максимум пет дена проблемот со вода ќе се реши,  бидејќи новиот директор најверојатно ќе менаџира поубаво. Јас потенцирам доколку за 24 часа Горан Стојковски поднесе оставка Куманово ќе си има вода, со одговорност го тврдам. Главното зло што Куманово нема вода, главната адреса е Горан Стојковски, бидејќи он сака преку Водовод да биде иден градоначалник на Куманово-изјави Емрља Укшини, раководител на сектор за експлоатација и одржување на ХМС.

Тој додава дека менаџерскиот тим на Водовод, се однесува неодговорно, тенденциозно и не знае да раководи со водата, па затоа се принудени на побараат оставка.

Наспроти ова директорот на Водовод, Горан Стојковски вели дека доколку е потребна негова оставка за да се реши проблемот со водоснабдување во Куманово, тој е подготвен да ја даде во рок од 24 часа. Но тој тврди дека ваквите изјави потврдуваат дека намалениот дотур на вода можеби не е поради дефекти, туку претставува политичка игра.

-Моја оставка е најмал проблем, ако таа е услов, Куманово да добие вода, уште утре ќе биде поднесена. Само тоа ќе значи дека апсолутно нема дефект и нема проблем, туку дека е во прашање политичка игра. Сите финансиски извештаи на ЈП Водовод, одат на управен одбор, и на седници на Совет на Општина Куманово, значи апсолутно сите советници имаат право ако не е добро менаџирање на  Водовод, да побараат оставка и таа веднаш ќе ја имаат-наведе тој.

И додека траат политичките препукувања и инаетењата во двете претпријатија, граѓаните од високите зони и приградските населби со денови се соочуваат со недостоток на вода. Секој од директорите останува на своето тврдење дека другиот е виновен за создадениот проблем.

-Бај пасот е отворен исто како и браните, но затоа што Водовод не ги плаќа навремено фактурите, не можат да санираат голем број дефекти и водата наместо да оди до Филтер станицата, таа бескорисно се слева по речните долини. Јас мислам дека доколку продолжи вака нема да има 60 литри, туку ќе падне на 30 литри, тоа не е наша одговорност-вели Укшими.

-Бај пасот беше исклучен од 31-ви петок, по интервенција, по пријава до МВР  излегоа на лице место инспектори разговараа со нас и со надлежни од Водостопанство. И вечерта во сабота почнаа да пристигаат доволни количини на вода, околу 130 литри во секунда тоа траеше околу 1 час-изјави Стојковски.

Во моментов по бај пас се обезбедени околу 60 литри кубни во секунда, што не е доволно за да се задоволат потребите на градот. Но по вчерашните временски услови, состојбата е  релативно нормализирана и не би требало да останат без вода поголемите зони во градот.

Коментари

коментар(и)