Усвоен Извештајот за работа на Советот за 2018 –та

Извештај за реализација на Програмата за работа на Советот на Општина Куманово за 2018 –та година беше првата точка за која расправаа советниците на денешната 22-ра редовна седница.

Советникот од опозицијата Зоран Петрушевски акцент стави на програмите и документите кои што биле планирани, а не се реализирани во текот на минатата година. Стратешка програма за култура, програма за управување со отпад, информација за активностите на секторот за меѓународна соработка и интеграции, но и за реализираните активности на инспекциските служби во Куманово, акционен план за енергетска ефикасност, локален еколошки план на општина Куманово,  се само дел од повеќето кои што ги посочи советникот Петрушевски. Тој потенцираше и дека сите предлози кои што како опозиција ги доставуваат, мнозинството во советот никогаш не ги прифаќа иако тие се во интерес на градот и граѓаните.  За пример посочи неколку одбиени предлози досега, поставување на урбани витрини за некролози, соодветно оградување на тротоарите, формирање пешачка зона, програма за одбележување значајни празници,  за именување на мостови и паркови,но и програма за справување со кучињата во градот.

– Во вториот квартал немаме донесено информација за реализирани активности на Сектор за меѓународна соработка и интеграции , не сме донеле Програма за работа во 2018 –та година за овој сектор и не знаеме што работат вработените во секторот. Во третиот  квартал нема информација  за активноста на инспекциските органи, што инспекторите, нашите општински „полицајци“ работеле, а неколкупати разгледуваме извештаи на кумановската полиција, рече Зоран Петрушевски, советник

„Овој состав на советот остави специфичен печат на работата на општина Куманово со најголем процент на реализирана програма споредбено со претходните периоди“, рече претседателката на советот Атина Мургашанска. „Од оние што ги спомнавте, освен една или две се програми кои што се планирани, а не се реализирани, а сите останати се стратешки документи на повеќе години“, му одговори  Мургашанска на Петрушевски, потенцирајќи притоа дека забелешките ги сфаќа како корекција на работата на Советот.

-Во 2018 –та година реализирани се 299 точки, 300 теми групирани во повеќе дебати, 20 седници,една тематска трибина за амбиенаталниот воздух, во 2018-та  донесовме  174 одлуки,  вкупно 402 акти , најуспешна програма досега.  Ја имате мојата поддршка во иднина заеднички да се стремиме сите овие предвидени документи, планови и програми во тековната година да бидат навреме подготвени и изготвени, рече  Атина Мургашанска, претседател на Совет на Општина Куманово

Со 17 гласови „за“ , 4  „против“  и исто толку воздржани советниците го изгласаа извештајот за реализација на Програмата за работа на Советот на Општина Куманово за 2018 –та година.

Коментари

коментар(и)