Во духот на инклузијата, а повод одбележувањето на Меѓународниот ден на лицата со попреченост учениците од трета година, здравствена струка, вчера заедно со професорките и дефектолог од техничкото училиште „Наце Буѓони“, организираа креативна и едукативна работилница во дневниот центар „Порака наша“.
Во објавата на училиштето се наведува:
„Ги посетивме корисниците во „Порака наша“ и преку различни активности, дружење и изразување, учесниците покажаа колку е важно да се создава средина во која секој се чувствува прифатен и охрабрен. Работилницата беше исполнета со позитивна енергија, креативност и меѓусебна соработка, потсетувајќи нè дека инклузијата е секојдневна практика која градиме заедно. На овој значаен ден испраќаме силна порака: различностите нè збогатуваат, а поддршката и разбирањето создаваат подобро општество за сите“.
