(ФОТО) Се одржа првиот меѓународен куп во едриличарство

Триесетина пилоти од Македонија, Србија, Словенија, Црна Гора, Хрватска и Босна и Херцеговина, денеска учествуваа на првиот меѓународен „Бланик куп“ во прецизно слетување со едрилица, кој по цели две децении се одржа на спортскиот аеродром Аџи Тепе.

-Аплициравме со проект до Министерство за економија за враќање на едриличарството во Македонија. Добивме 50.000 денари кои не се доволни за да можеш да го организираш натпреварот но беа доволно за почетна мотивација, ние да застанеме и нешто да направиме сами. Интерес за едриличарство има и тоа е голем, меѓутоа причината зошто ние тука немаме пилоти едриличари и инструктори е затоа што за разлика од другите балкански земји каде што спортските аеродроми добиваат субвенции од државата за да може да функционираат, добиваат намалени цени на гориво за да може да привлечат ученици, да си ги дозволат сите тие активности, овде тоа оди малку потешко, односно нашите едриличари, сами се снаоѓаат и плаќаат најскапо гориво-истакна Билјана Еверет генерален секретар на Воздухопловна федерација на Македонија.

-Почнавме да обучуваме неколку члена, минатата година имавме тројца обучени млади пилоти, оваа година имаме интерес за уште шест млади пилоти. Со текот на времето, тоа е  обука која трае неколку месеци, теорија и пракса, така што мислам дека за пократок период три-четири години, ќе имаме доволен број нови, млади пилоти кои ќе ги вклучиме во овој дел, да се натпреваруваат и да летаат во нашиот аеро клуб-нагласи Никола Петковски, претседател на Аеро клуб Куманово.

Спортскиот натпревар го следеше и градоначалникот на Куманово, Максим Димитриевски, кој изрази благодарност до клубот што по толку години, повторно ја организира оваа манифестација.

-Општината даде скромна поддршка но секако стои тука да даде уште поголема поддршка на вакви настани бидејќи има интерес кај граѓаните и сакаат да доживеат нешто. Куманово е град и еден од малкуте во државата кое што има ваков спортски капацитет за да може да  се одвива ваква активност, вкупно има пет аеродроми за спортска намена и ние сме среќни што го имаме овој капацитет. На овој начин и го промовираме истиот но и даваме дополнителни можности да се размислува за што може повеќе да се искористи нашиот спортски капацитет на Аџи Тепе-потенцираше Димитриевски.

Присутните пилоти истакнаа дека се задоволни од целосната организација, а се надеваат дека оваа манифестација ќе прерасне во традиција.

-Би се заблагодарил на ваквиот прием многу е убаво, впечатокот е одличен, не има многу, гледам и граѓаните се заинтересирани, многу сме задоволни, се надевам дека и кумановци ќе ни дојдат во Суботица идната година.   Денеска е многу убаво, вчера имаше повеќе дожд, се надевам дека така ќе биде, овој дожд не ни значи ништо, нема ветер и тоа е одлично-изјави Габор Ференс од Аеро клуб од Суботица.

Натпреварот го организираше Воздухопловната федерација на Македонија заедно со Аеро клуб Куманово.

Коментари

коментар(и)