Јавни повици за седум мерки за вработување

Претприемништво, Субвенционирање на плати и Практиканство се три од седумте активни мерки и програми за кои што се објавени јавни повици до невработените и работодавачите на огласните табли на центрите за вработување и на официјалната веб страница на АВРМ. Мерките се дел од Оперативниот план за активни програми и мерки на Владата, кој што беше промовиран на 25 февруари годинава. Според раководителката на центарот за вработување во Куманово, Марија Димитријевска,  една од поатрактивните програми за која што деновиве се чувствува раздвиженост во центарот за вработување е програмата Поддршка за самовработување, односно Претприемништво.

-Преку оваа програма им се нуди можност на невработените лица својот проблем на невработеност да го решат преку започнување на сопствен бизнис. Оваа програма нуди финансиска поддршка односно директен грант за набавка на опрема и репроматеријали во висина од 246.000 до 307.500 денари за започнување на сопствен бизнис или доколку две невработени лица кои што имаат иста заедничка бизнис идеја добиваат финансиска поддршка грант за набавка на опрема и репроматеријали во висина од 615.000 денари со што тие формираат друштво со ограничена одговорност. Годинава за бизнисите кои што ќе бидат препознаени како иновативни, освен што ќе бидат поддржани со финансиската поддршка односно грантот добиваат можност и да бидат поддржани и од Фондот за иновации и технолошки развој како и советодавна односно менторска поддршка во првите 12 месеци од нивното работење, изјави Марија Димитријевска, раководителка на Центар за вработување Куманово

Голем интерес деновиве постои и за програмата односно за мерката Субвенционирање на плати, посочува Димитријевска. Со оваа мерка се нуди можност на работодавачите за креирање на нови работни места со тоа што тие добиваат директна субвенција од 57.000 денари до 228.000 денари за ново вработување.

-Доста голем интерес постои и за мерката Практиканство. Годинава за разлика од минатата година каде што беше предвидено во мерката практиканство да учествуваат невработените лица до 34 годишна возраст со минимум завршено средно образование, оваа година се нуди можност и на невработените лица кои што имаат понизок степен на образование  односно минимум завршено основно образование да бидат вклучени во оваа програма во практиканството.  Јавните повици како за Субвенционирање на плати така и за мерката Практиканство се и до невработените лица и до работодавачите. Преку мерката Практиканство невработените лица можат да се стекна со практични искуства и знаења во период од три месеци, изјави Димитријевска.

Од центарот за вработување информираат дека во тек се и јавните повици за мерките Обука за занаети, Обука кај познат работодавач, Обука за стручни квалификации според барања на работодавачите и мерката Јавни работи.

Надлежните ги повикуваат невработените лица и заинтересираните работодавачи да поднесат апликации во центрите за вработување бидејќи  јавните повици се во тек и траат се до исполнување на предвидените бројки на ниво на државата.

Коментари

коментар(и)