Зошто по реконструкцијата на водоводната мрежа улицата „Михајло Пупин“ во населбата „Перо Чичо“ не е вратена во првобитната положба, праша советникот Сашо Стошевски на денешната седница. Надлежните од Секторот за комунални работи, инфраструктура и сообраќај во општината со одговор дека улицата ќе биде опфатена со пролетното крпење на дупки, а доколку општината во иднина има финансиски можности „Михајло Пупин“ целосно ќе биде реконструирана.
-Го разгледав извештајот и би се навратил на реконструкција на водоводната мрежа на „Михајло Пупин“ од 618 метри во „Перо Чичо“ во која се наведува дека завршувањето на градежни работи е 06.11.2019 година. Сега таа улица е во катастрофална состојба. Не ли треба да се врати во првобитна положба за да може граѓаните од тие населби нормално да функционираат, логично беше по градежните работи да се асфалтира, рече Сашо Стошевски, советник
-Што се однесува до реконструкција на водоводната мрежа е од 320 метри, меѓутоа поради икс причини се јави потреба, бидејќи едната улица се направи од десна страна од центарот кон поштата ја направивме изведбата од десна страна со се приклучоци требаше да се прават премини на наведената улица на десетина метри, затоа направивме еден на почетокот на улицата, направивме 320 метри нова водоводна мрежа, асфалтот не беше вратен бидејќи постои опасност, ние два-три пати интервениравме со тампон, не фатија зимски услови и поради слегањето не смеевме многу да набиваме бидејќи водоводната мрежа е плитка 80-120 сантиметри, слегањето е направено и за месец дена со крпење на дупките, улицата ќе биде вратена во првобитна состојба, рече Момчило Јовановски, Сектор за комунални работи, инфраструктура и сообраќај
Јовановски информираше дека за пролетното крпење на дупките е задолжена фирмата КООП Инженеринг и до крајот на месецов дупките на улицата ќе бидат санирани.
По расправата беа изгласани извештајот за извршување на програмата за уредување на градежно земјиште, изградба и одржување на комунална инфраструктура на град Куманово и програмата за изградба, реконструкција, одржување и заштита на локалните патишта и улици во Општина Куманово за периодот од 1 јануари 2019 година до 31 декември 2019 година.