17 -ти февруари – ден на македонското новинарство

Новинарите не се независни, како и медиумите, не се докрај објективни, не се доволно платени, ниту пак респектирани,  се констатациите на дел од кумановските новинари говорејќи за Денот на македонското новинарство, 17 февруари. Според новинарот Светлана Антиќ – Јовчевска, најбитно е новинарите да се не пристрасни и секогаш да важи новинарското правило, најмалку две страни.

-Тогаш кога се формирало македонското новинарство погледнете кои луѓе го формирале и како тоа почнало да функционира. Што имаме сега, значи не може да постои новинарство, не може да постои медиум на национална основа доколку нема дописничка мрежа, прво и основно, од тука почнува, а македонското новинарство нема дописна мрежа, иако има новинари кои се можеби милион пати поквалитетни од оние што седат по канцеларии некаде, меѓутоа едноставно дописната мрежа е скината. Новинарите никогаш не биле добро платени, барем јас колку знам, секогаш биле на некој начин маргинализирани, нормално, сега не зборувам за тие што биле уредници, главни и одговорни уредници или што имале некоја таква функција. Независни – не се , меѓутоа и не постои независно новинарство, секогаш работиш за некого. Објективни – тоа е исто релативно, можеби новинарот мисли дека е објективен, меѓутоа другата страна или некоја страна тоа не го сфаќа така. Според мене, најбитно е да се не пристрасни и секогаш да важи новинарското правило – најмалку две страни. Доколку се почитува тоа правило, најмалку две страни, дури тогаш можеме да кажеме дека новинарството има објективност или новинарството до некаде е независно, изјави Светлана Антиќ Јовчевска, новинар.

Сузана Андоновиќ, новинар и сопственик на Радио Бум вели дека во Куманово новинарите се трудат да известуваат објективно, не пристрасно.

-Го честитам денот на македонското новинарство со желба да се подобри ситуацијата во новинарството. Во незавидна положба  сме сите ние, тоа е веќе јасно на секој, ни недостига она новинарство кое што го работевме пред повеќе од десет години. Мораме да се бориме, ние сме, и како што професијата налага, гласот на народот , ние сме секаде први и се разбира тоа треба објективно, не пристрасно и да го пласираме во нашите медиуми, колку дозволува и политиката на медиумот сето тоа да се направи како финален производ и да се пласира. Се трудиме, во Куманово медиумите се трудат објективно да ја пренесат сликата што појасно и подобро да имаат едно квалитетно информирање нашите граѓани . Состојбата во државата и кризата во медиумите си го прават своето, со недостиг на работен кадар, новинари, сниматели, техничкиот персонал, сето тоа и се рефлектира во работата , изјави Сузана Андоновиќ, новинар и сопственик на Радио БУМ

Александра Максимовска , новинар во Македонската информативна агенција (МИА) на денешниот ден порачува дека само синдикално здружени новинарите можат да се изборат за своите права.

-Го честитам денот на македонското новинарство со желба за поголеми успеси со едно објективно известување особено сега во пресрет на изборите. Секако да порачам дека само синдикално здружени можеме да си ги оствариме нашите права. Се надевам дека во иднина ќе имаме повисоки плати, изјави Александра Максимовска, новинар во МИА

Што се однесува до безбедноста при извршувањето на работните задачи, новинарите не се доволно заштитени, велат колегите, новинари.

-Не, никогаш не биле заштитени, прво не се заштитени ниту од редакцијата за која што работат , од тука почнува се. И пак ќе се вратам на 2001 година кога новинарите работеа така,  „пролетерски“ , ниту во кризните моменти, ниту во кризните подрачја не беа апсолутно заштитени и новинарите мислам дека се навикнати и си го прифаќаат како такво затоа што чуден е тој новинарски адреналин , еднаш новинар – секогаш новинар и ако не работиш како новинар , размислуваш како новинар и тоа е нашата судбина. И затоа мислам дека оваа професија е убава и се надевам дека во иднина ќе можат младите генерации гордо да кажат јас сум новинар и еве имам нешто зад себе, изјави Антиќ – Јовчевска.

-Воопшто не сме заштитени, вербалните напади се се почести, физички, за среќа има се помалку, тука е цензурата, автоцензурата, изјави Андоновиќ.

-Релативно да, не може да кажеме дека не сме заштитени. Мислам дека се крена свеста дека новинарите си ја вршат својата дејност, но секогаш постои простор за подобри услови, особено кога следиме настани од јавен интерес, изјави Максимовска.

На денешен ден, во Скопје било основано Здружението на професионалните журналисти во Македонија. За прв претседател бил избран Мито Хаџивасилев – Јасмин, кој бил еден од најпознатите македонски новинари и публицисти.

Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) е официјалното здружение на професионалните новинари од Република Македонија и членка на Меѓународната федерација на новинари. Основано е на 17 февруари 1946 година во Скопје како Здружение на професионалните новинари на Народна Република Македонија. За правата на новинарите се грижи и Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници, а од пред неколку години постои и Македонската асоцијација на новинари (МАН).

Коментари

коментар(и)