76 години од загинувањето на Карпош

На денешен ден пред 76 години од страна на бугарскиот окупатор бил убиен козјачкиот командант , Христијан Тодоровски Карпош во селото Биљача. Карпош е еден од осумте народни херои од кумановско кои ги дадоа своите животи во текот на Народноослободителната борба.

Повеќе делегации предводени од општинската организација на Сојузот на борците, Општина Куманово, АРМ, политички партии и останати денеска положија цвеќе пред  неговата биста во спомен куќата. Со едноминутно молчење присутните му оддадоа почит на кумановскиот херој, како и на револуционерите кои ги дадоа своите животи во различни периоди од македонската историја за својата држава.

Христијан Карпош е значаен лик од нашата историја затоа што се борел за слобода на Македонија. Роден во Куманово во 1921 –та година, кој како ученик станал член на СКОЈ уште од 1939-та година. Поради неговите прогресивни идеи, бил избркан од средното училиште и не му било дозволено  да се запише во било кое друго средно училиште во тогашното Кралство Југославија, рече меѓу другото, секретарот на боречката организација во Куманово, Благе Јакимовски.

Карпош бил член на Козјачкиот партизански одред од 12-ти октомври 1941 година и член на партизанскиот штаб од Куманово. Откако одредот бил разбиен, преминувал наизменично во Вториот јужноморавски одред и Кукавичкиот одред, а во 1943 станал командант на Кумановскиот партизански одред кoj пoстeпeнo се проширувал и официјално  преименуван во Прв кумановски баталјон „Јордан Николов – Орце“ .

Во негова чест се испеани неколку партизански песни, а пак денеска пред бистата беа прочитани и лични творби на ученички од училиштето кое што го носи неговото име „Христијан Тодоровски Карпош“  во населбата „Перо Чичо “кое што денеска прославува патронен празник. Воедно, патронат одбележува и истоименото училиште во селото Драгоманце, Општина Старо Нагоричане.

Коментари

коментар(и)