Солидарен фонд во здружението на пензионери

Здружението на пензионери „Куманово“ преку доброволен солидарен фонд помага на пензионерите и нивните брачни сопружници.

Единствен услов да се добие помош и за брачниот другар од солидарниот фонд кој што се уште не е пензиониран, е лицето откако ќе добие решение за пензија, во рок од 6 месеци да го осигура и својот брачен партнер. За солидарниот фонд пензионерите одвојуваат 1.800 денари на годишно ниво, информира претседателот на здружението Благе Јакимовски.

-Лице кога ќе отиде во пензија, а неговата сопруга или сопруг не се во пензија, лицето откако ќе отиде во пензија ќе го плаќа овој солидарен фонд за него, а бидејќи сака да го плаќа и за неговата сопруга или сопругот тоа може да го направи да дојде кај нас и во текот на годината тоа вкупно изнесува 1800 денари годишно, 900 денари е првата половина на годината и исто толку е вториот дел од годината. И во случај на смрт на еден од сопружниците имаат право на 30.000 денари да си земат од солидарниот фонд. Овде е битно, лицето кога ќе отиде во пензија може да го пријави сопругот или сопругата во овој солидарен фонд во рок од шест месеци. Ние средствата ги планираме, тие стојат во солидарниот фонд, изјави Благе Јакимовски, претседател на Здружение на пензионери „Куманово “

Освен преку солидарен фонд, на дел од пензионерите здружението им помага и со еднократна парична помош, нова мерка со која што се опфатени пензионерите кои што примаат најниска пензија. Како што информираа надлежните, во декември минатата година е објавен оглас за сите пензионери кои што примаат пензија во висина до 10.000 денари, здружението да им обезбеди вредносен ваучер од 1.000 денари кој што можат да го потрошат во Елида маркетите. Повеќе од стотина ваучери се доделени на пензионерите досега, а се планира вкупно 300 вредносни ваучери да им бидат поделени на пензионерите бидејќи планираниот биџет за оваа мерка на здружението е 300.000 денари, потенцира претседателот Јакимовски.

Коментари

коментар(и)