Прв ден од уписите во средните училишта
Од денеска до 19 јуни ќе се спроведува првото пријавување од јунскиот рок за упис во следната учебна година, според критериумите утврдени во Конкурсот на Министерството за образование и наука.
Уписот е организиран и се спроведува согласно со насоките од Протоколот усвоен од Владата по препорака од Комисијата за заштита од заразни болести, кој е проследен до сите училишта.
Според протоколот, документите се поднесуваат по азбучен ред на презимето, а распоредите училиштата претходно ги објавија. Задолжително е носење заштитни маски, растојание од два метра и дезинфекција.
Во Куманово, деветоодделенците можат да се запишат во едно од четирите средни училишта. На првиот ден од уписот, идните средношколци голем интерес пројавија за гимназијата „ Гоце Делчев“ и за техничкото училиште „Наце Буѓони“, што пак не значи дека нема доволен интерес и за останатите средни стручни училишта.
Претпладнево до 11 часот во гимназијата „Гоце Делчев“ беа пријавени 90 ученици, а вкупно можат да се запишат 374 ученици во 11 паралелки, во три подрачја со комбинација А и Б, природно-математичко подрачје, општествено –хуманистичко и јазично- уметничко подрачје.
– Интересот засега е доста голем за природно -математичкото подрачје комбинација А , иако е солиден интересот и за другите пакети, интерес има и за српската паралелка, за билингвалната. Се почитува протоколот, азбучниот ред, очекуваме дека бројката од 374 ќе ја задоволиме, изјави Марија Тодоровска, директор на СОУ Гимназија „Гоце Делчев“
Во општинското средно техничко училиште „Наце Буѓони“, утрово до 11 часот се пријавиле 65 ученици од вкупно 340 ученици во 10 паралелки со настава на македонски јазик, информира директорот Драган Јаневски.
Во прва година во стручното општинско училиште „Киро Бурназ“, според Конкурсот можат да се запишат 374 ученици со настава на македонски јазик распоредени во 11 паралелки, во еден од четирите сектори застапени во училиштето: Земјоделство, рибарство и ветеринарство, Хемија и технологија, Лични услуги и Машинство.
Средното стручно училиште „Перо Наков“ располага со 340 слободни места за ученици на македонски наставен јазик кои можат да се запишат во 10 паралелки, во економско -правна и трговска и текстилно-кожарска струка.
Ранг-листите со запишани ученици ќе бидат објавени на 19 јуни(петок) по 15 часот.
Учениците кои се запишуваат во средните училишта, заедно со целокупната потребна документација наведена во Конкурсот треба да носат и пријава која може да ја преземат од веб-страницата на Министерството за образование и наука www.mon.gov.mk.
Формуларот за пријавување е достапен на четири (наставни) јазици – македонски, албански, турски и српски. Потребно е секој ученик да го испечати, пополни и да го достави до училиштето заедно со останатите документи.
Според роковите од Конкурсот, второто пријавување и запишување е на 24 и 25 јуни, а третото пријавување ќе биде на 29 јуни.