„Киро Бурназ “ – Регионален центар за стручно образование и обука
Од следната учебна година средното стручно општинско училиште „Киро Бурназ“ ќе профункционира како Регионален центар за стручно образование и обука. Практично, од септември покрај формалното образование преку застапените струки, училиштето како Регионален центар ќе понуди зајакнување на постсредното образование, односно ќе биде застапено и неформалното образование на возрасните, валидација на неформалното и информалното учење и преквалификација на веќе завршените кандидати. Концептот за развивање на Регионални центри со опфат на формалното, неформалното образование на возрасните и валидацијата на информалното учење е изработен на иницијатива на МОН со поддршка од Европската фондација за обука. Со одлука на Владата, „Киро Бурназ“ премина во Регионален центар за стручно образование и обука на целиот североисточниот регион во декември минатата година.
-Ние како училиште сме всушност веќе преориентирани да станеме Регионален центар за стручно образование и обука што води кон извонредност и тоа за два сектора, секторот Земјоделство, рибарство и ветеринарство и секторот Хемија и технологија. Меѓутоа, анализите кои што беа направени пред да премине нашето училиште во Регионален центар покажаа дека во овој регион има потреба и за отворање на секторот градежништво, така што ќе настојуваме во наредните години во училиштето и овој сектор да го застапиме и исто така ќе се обидеме како Регионален центар да го зајакнеме постсредното образование, односно образование на возрасни и валидација на неформално и информално учење во скоро сите сектори кои што ги има во овој регион. Она што е битно за нашиот Регионален центар е дека на овој начин ќе имаме голема соработка со Агенцијата за вработување, со општините, со бизнис секторот во општините и врз основа на барањата на овие сектори ќе имаме можност и да ги задоволиме нивните потреб, но повеќе во обука на возрасни, изјави Весна Трајковска, директор на ССОУ „Киро Бурназ“ – Регионален центар за стручно образование и обука
При утврдувањето на функциите за секој Регионален центар за стручно образование и обука може да има различност во секој регион земајќи ги предвид локалните карактеристики. Функциите се базираат на образовните приоритети и потребите на пазарот на труд на национално и регионално ниво.
– Има доста голем број функции кои што можеме да ги обавуваме, освен обезбедување на формално образование, имаме управување, раководење со простории и опрема, ресурси, обезбедување на стручно усовршување и мобилност на наставници, обезбедување и поддржување на ученици и учесници во стручно образование, соработка со образовни институции, обезбедување на учење преку работа, анализа и идентификација на потреби за работна сила и вештини на пазар на трудот во целиот регион, иницирање измена на наставни планови и програми. Има преку 30 функции и плус дополнителни функции. Сето ова е стручното образование на учениците да го подигнеме на повисоко ниво, но, не само на учениците, туку стручното образование и преквалификација на луѓето да може да се одвива поедноставно затоа што голем број на нашите сограѓани имаат завршено и се под биро, а можеби секторите, бизнис заедницата бараат нешто друго, затоа тие ќе можат на овој начин да се преквалификуваат на одреден профил, одредена струка која што им треба, изјави Трајковска.
Како РЦСОО , училиштето „Киро Бурназ“ ќе има можност врз основа на барањата на пазарот на трудот во соработка со МТСП и со Агенцијата за вработување да изработи, а потоа и да побара одобрување на програма со која што одреден број на кандидати ќе може да се преквалификуваат , посочува Трајковска.