Десетмина новозаболени во Куманово, 25 се хоспитализирани

Десет нови случаи на ковид-19 регистрира министерството за здравство изминатото деноноќие во Куманово, а вкупно на ниво на државата 115 новозаболени и еден починат пациент на 76 годишна возраст од Гостивар.  Најголем број од новозаразените се од скопските општини вкупно 34, 15 новодијагностицирани во Прилеп, 14 во Штип, 13 во Струга. Институтот за јавно здравје регистрира и 368 излекувани пациенти. Најголемиот број од нив, 74 се од Куманово, 64 од Скопје, 48 во Тетово.

Во кумановската Општа болница на инфективното одделение се хоспитализирани 25 пациенти позитивни на ковид-19 , информираше денеска директорката Снежана Захариева.

– Осум од нив се на кислородна поддршка, додека останатите се со средна и полесна клиничка слика. Најтешките случаи кои имаат потреба од респиратор се транспортираат на Клиниката за инфективни болести и болницата „8 Септември“ во Скопје, изјави Снежана Захариева, директор на Општа болница Куманово

Според министерството за здравство, во последните 24 часа направени се 1.665 тестирања, а досега во земјата се направени вкупно 149.934 тестирања на ковид -19. Нема тестирања во рамките на скринингот.

Вкупната бројка на ковид дијагностицирани во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 14.455, бројката на оздравени пациенти е 11.525, на починати е 604, а во моментов бројот на активни случаи во земјата изнесува 2.326.