Наградени четири филмови на „ФИЛМАЈ 2020“

Четири филмови од вкупно 2.017 пристигнати од 111 држави се наградени на синоќешниот Меѓународен фестивал на краток филм, што се одржа во големата сала на центарот за култура. Стручното жири во состав од Ана Јакимска (филмски режисер и писател), Златко Ѓелески (писател и културен критичар) и Глигор Максимовски (фотограф и член на Фото-кино клуб „Козјак“ иако имаше тешка задача сепак ги додели наградите на најдобрите според нив, а на нивна иницијатива одлучено е да се додели и награда за најдобар домашен краток филм. „ФИЛМАЈ 2020“ се организира втора година по ред, а интенцијата на Фото -кино клубот „Козјак“ е фестивалот да стане традиционален во нашиот град.

–Наградата за најдобра режија „Лазар Ѓорѓевиќ“  беше доделена на  Joey Paras за режирање на филмот `Fetch` кој што е од Филипини. Наградата за најдобра фотографија/кинематографија  „Радислав Ристевски“ е за Tim Kuhn за филмот `Jupiter` (Германија). Наградата за најдобра приказна/сценарио „Козјак “ беше доделена на американскиот филм `Skin` (САД) кој што беше според сценарио на Guy Nattiv и Sharon Maymon и по иницијатива на жири комисијата одлучивме да доделиме и награда за најдобар домашен краток филм која што ја доби филмот на Георги М. Унковски  „ Налепница“, изјави Дејан Ангеловски од Фото – кино клуб „Козјак“

Освен награди беа доделени и благодарници за помагање и придонес кон овогодинешниот фестивал на градоначалникот и Советот на Општина Куманово, на НУ Центар за култура „Трајко Прокопиев„, како и на правни лица и поединци.

По отворањето на фестивалот на краток филм беше прикажана компактна листа од наградени и одбрани кратки филмови, во траење од 100 минути.

Согласно состојбата и протоколите, во салата на Центарот за култура имаше ограничен број на публика, а за наредната годината организаторот најавува уште подобра и побогата програма.