Народната банка да упати апел до банките и институциите кои вршат исплата и уплата на парични средства, да ангажираат дополнителен број на вработени за обезбедување и воспоставување ред пред овие објекти, е една од мерките и препораките по денешниот состанок на општинскиот штаб за заштита и спасување.
Градоначалникот на Куманово Максим Димитриевски, кој раководи со штабот истакна дека сме сведоци дека пред овие објекти се уште се создава метеж и се прекршуваат мерките за заштита од ковид 19. Тој посочи дека дел од препораките се однесуваат и за аерозагадувањето.
-Системот на воведување на аеросолизација во перидот на денот кога темературата е над +4 степени за дополнително справување со загадувањето. Во Куманово имаме три нови пункта за мерење на загадувањето каде што ја следиме состојбата и секој граѓанин онлајн може да се информира какво е нивото на загаденост на три локации во градот. Интензивно како локалната самоуправа работиме во делот на расчиствање на дворот во градската општа болница каде што веќе е урнат еден од постоечките објекти и се расчистува платото за да може да се отпочне од страна на ресорното министерство со инвестиција за монтажната ковид болница-истакна Димитриевски.
Првиот човек на Куманово посочи и дека се работи на обезбедување услови за гасификација на кумановската болница, која согласно истражувањата е еден од најголемите загадувачи, бидејќи се затоплува на мазут.