До 31 -ви октомври траеше рокот за поднесување предлози за доделување на традиционалната Ноемвриска награда, како израз на највисоко општествено признание што се доделува за посебни постигнувања во одделни области во Куманово. Не е познато колку предлози се доставени до општината бидејќи во меѓувреме, од една страна заради одржувањето на локалните избори заврши мандатот на Комисијата за одбележување на празници и манифестации и доделување на награди и признанија, а од друга страна пак се уште не се знае дали годинава воопшто ќе се додели Ноемвриската награда од причина што претседателот на Комисијата за одбележување на празници го избира Советот на општината. Во моментов, Советот се уште не може да се конституира бидејќи се уште трае рокот од 48 часа за поднесувања приговори на постапката по завршувањето на гласањето, а приговорот на постапката за сумирање и утврдување на резултатите се поднесува во рок од 48 часа од објавување на првичните резултати. Завршувањето на роковите, според Државната изборна комисија, зависат од времето кога завршило гласањето во секоја од општините поединечно. ДИК е должна во рок од 72 часа по приемот на приговорот да донесе одлука. Против одлуката на ДИК, подносителот на приговорот може да поднесе тужба до Управниот суд во рок од 24 часа од приемот на решението.
Доколку деновиве се конституира новиот состав на Советот на општина Куманово и ако се избере претседател на Комисијата, во тој случај би можела да се додели Ноемвриската награда, како што вообичено се врачува на добитниците на свечена седница по повод Денот на ослободувањето на Куманово, 11-ти Ноември. Останува отворено прашањето дали годинава ќе се повтори 2013-тата , кога првпат после 30 години се прекрши традицијата во Куманово и не се додели Ноемвриската награда и покрај тоа што беше објавен повик за поднесување предлози и по завршувањето на предвидениот рок до Комисијата беа пристигнати седум предлози. Тогаш во последен момент беше одлучено предвидените парични средства за Ноемвриската награда да бидат доделени на лицата со попреченост.
Инаку, Ноемвриската награда се доделува на поединци, претпријатија и други организации, установи, здруженија и заедници чие дело односно резултати во работењето и делувањето претставуваат посебно остварување во областите на стопанството и вонстопанските дејности, во текот на едногодишен и повеќегодишен период.
Минатата година четворица лекари како физички лица, и Телевизија „Плус“ и Општа болница Куманово како правни лица беа добитници на највисокото признание на Општина Куманово „Ноемвриска награда“ за 2020-тата година.