Нино Величковски со концерт по повод четири децении на музичката сцена
„Нино со љубов, песни и вино“ е насловен свечениот концерт со кој што кумановскиот пејач на народна музика Нино Величковски в понеделник ќе одбележи 40 години успешна кариера.
Со почеток во 19 часот и 30 минути во големата сала на Центарот за култура „Трајко Прокопиев“, Нино ќе ги изведе песните кои што го одбележаа негово четиридецениско опстојување на музичката сцена.
Самиот настан замислен како необичен и автентичен начин на спојување на традицијата и современата македонска музика, со цел да се остави траен белег на музичката естрада и на културата, воопшто.
Овој проект има цел да ги промовира трајните културни и вистинските музички вредности и да придонесе кон зачувување и збогатување на македонската музичка традиција, бидејќи најголемиот дел од песните на Нино се веќе обнародени.
Кумановци в понеделник ќе имаат несекојдневна можност да уживаат во неговите хитови како што се „Свирете ми тамбури“, „Бабино девојче“,„Нова песна за Куманово“, „Кажи ми Лено душо“ и многу други песни познати на македонската и пошироката јавност.