На градскиот плоштад денеска започна тридневната манифестација „Денови во медот“, во организација на пчеларското здружение „Пчела“ од Куманово. Годинава саемот на мед кој се организира по 24-ти пат е со рекорден број на излагачи, 30 производители на мед и пчелни производи, членови на здружението.

„Ваквите манифестации веќе од идната година ќе бидат сериозно поддржани од страна на Министерството и од Владата, сѐ со цел и во другите делови од државата да имаме промоција на овој квалитетен бренд“, изјави министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Цветан Трипуновски“, кој присуствуваше на свеченото отворање на „Денови на медот“.

„Нашата цел ќе биде промоција на кумановскиот мед и едукација на сограѓаните да консумираат само домашен мед“, рече во своето обраќање пред присутните, претседателот на здружението „Пчела“, Бобан Стошевски.

Манифестацијата, традиционално поддржана од Општина Куманово ја отвори претседателката на Советот Ивана Ѓорѓиевска.
Освен кумановски производители на мед, на манифестацијата учествуваат и излагачи од Скопје и од Штип, членови на здружението „Пчела“.

Пчеларите генерално се задоволни од производството со оглед на глобалните климатски промени.
Највозрасниот пчелар во здружението Бранко Тасевски веќе дваесет години учествува на саемот на мед со своите производи од мед.

На отворањето од името на здружението беа доделени плакети на најзаслужните за особен придонес и помош во организирање на овој традиционален настан во Куманово.
Во здружението „Пчела“ членуваат околу 130 пчелари, а отворено е за соработка и со помладите, но и со поискусните, повозрасните пчелари.