Домот за стари лица „Зафир Сајто“ набави нова медицинска и техничка опрема, а распишан е и оглас за набавка на мебел, информира директорот Дејан Стојановски. Според него, станува збор за целосно опремување на 17 соби од институцијата, кои што беа реконструирани минатата година.
-Како институција домаќински работевме цела година, успеавме да заштедиме поголем дел на средства кои што ќе ги инвестираме. Веќе поминаа неколку јавни огласи, набавивме медицинска опрема, која што треба да ни биде донесена во домот, набавивме медицински кревети кои, исто така, треба да бидат дистрибуирани во домот, во тек е оглас за набавка на мебел, ќе опремиме цел еден реон од домот, или 17 соби, тоа е еден реон кој што го реконструиравме минатата година меѓутоа, заради недостиг на финансиски средства не успеавме да го опремиме со нов мебел, сега целосно ќе го опремиме и набавивме техничка опрема, климатизери за во летниот период и околу 35 телевизори за во собите, за да можеме секоја соба да ја опремиме со телевизори и со кабелска телевизија, изјави Дејан Стојановски, директор на дом за стари лица „Зафир Сајто“
До крајот на годината ќе биде реновиран и делот, т.н геријатрија каде што се сместени лица на различна возраст со комбинирани здравствени дијагнози. Реновирањето ќе се реализира соба по соба, соопшти Стојановски, со оглед на тоа што моментално е исполнет максималниот капацитет за сместување во домот.
-Најголем дел од корисниците кои што се сместени во тој дел се лица на кои што не им е место во домот за стари лица, бидејќи тоа се комбинирани дијагнози и тоа не се само стари лица, туку имаме и лица кои се релативно млади, а се сместени во тој дел, затоа што во државата не постојат соодветни институции каде би се згрижиле такви лица и можеби во јавноста излезе една таква слика дека тој дел од домот е запуштен, дека условите се лоши, а всушност би рекол дека колку пати и да го реновираме тој дел, тој повторно ќе личи на геријатрија, затоа што едноставно таква е категоријата на корисниците, многу често се валка, и не може постојано да имаш беспрекорно чист или уреден дел како што се другите делови од домот. Она што ќе биде завршено до крај на оваа година, каде што влегува и дел од геријатрија, тука распишавме еден оглас и тој е реализиран успешно, фирмата треба да почне да работи, вкупно околку 3500 квадрати ќе бидат обработени, во смисла обработка на ѕидови со лепка, мрежа, бојадисување, молерисување, каде што и дел од геријатрија ќе биде опфатен и освежен. Имаме еден план како ќе оди, во тие 3500 квадрати е целиот дом, имаме начин како да се организираме, ќе оди тоа парцијално, соба по соба, ходник, по ходник. Очекувам дека сето тоа ќе заврши најдоцна до Нова година, изјави Стојановски.
Домот за стари лица е институција којашто има најголем капацитет во државата за сместување, исполнет е максимално со 171 корисник.