Општина Куманово финансиски ќе помогне на збратимениот град Нови Сад и на семејството на загинатиот научник Васко Саздовски
Општина Куманово ќе додели парични средства за помош на збратимениот град Нови Сад, по трагичната несреќа на железничката станица во која загинаа 14 лица.
На предлог на градоначалникот на општина Куманово Максим Димитриевски, советниците денеска едногласно одлучија за збратимениот град Нови Сад да се одвојат 300.000 денари од општинскиот буџет, додека 100.000 денари ќе бидат уплатени на сметката на семејството на македонскиот граѓанин Васко Саздовски, 45-годишен научник, кој го загуби животот во несреќата.
Несреќата се случи на први ноември годинава, откако се урна настрешницата на железничката станица во Нови Сад и усмрти 14 лица, а неколку беа повредени.
Во меѓувреме, почина и 24 -годишната атлетичарка од Параќин која 17 дена се бореше за живот.