ВИДЕО: Училиштето „Вук Караџиќ“ обезбеди продолжен престој на учениците
Основното училиште „Вук Караџиќ“ со стартот на учебната година адаптираше просторија за продолжен престој на учениците од прво до четврто кои што заради одредени причини имаат потреба да останат во училиштето и по завршувањето на наставата. Засега сите ученици се од „Вук Караџиќ“, но училиштето е отворено за соработка и со ученици од други училишта, информира директорот Ивица Ѓоргиевски.
-На почетокот на годината со самото запишување во прво одделение се наметна потребата за продолжен престој, ние излеговме в пресрет на родителите и во нашето училиште направивме просторија која е за продолжен престој. Почнавме со два ученика, сега веќе се повеќе и во план сме да го зголемиме продолжениот престој со број на ученици, но и условите кои ги наметнува потребата од продолжен престој. Учениците добиваат храна, се подготвува во градинката„Ангел Шајче“. Ние сме отворени за сите ученици, па и за учениците од другите училишта, меѓутоа ќе има проблем со другите училишта бидејќи не можеме да се вклопиме во смени, така што моментално немаме од други училишта, меѓутоа ниеден ученик нема да вратиме доколку сака да дојде, изјави Ивица Ѓоргиевски, директор на ООУ „Вук Караџиќ“
-Поради современиот начин на живот се јави потреба од згрижување на децата така што ние дојдовме до идеја да организираме продолжен престој и со голем ентузијазам успеавме да приспособиме една просторија за продолжен престој. Најпрвин имавме две дечиња, меѓутоа таа бројка секојдневно се зголемуваше, така што денеска имаме десетина ученици. Во продолжен престој ние работиме според годишната програма за продолжен престој од МОН, учениците можат да си ги напишат домашните задачи, имаат стручна помош во пишување домашни задачи, совладување на останатите наставни содржини и секако има време за игра, дружење, учествуваат во воннаставни активности, културно-научни активности, социјални, учат и хигиенски навики. Тоа се ученици од прво до четврто одделение, изјави Цветанка Величковска, библиотекар
Продолжувањето на времето на престој во училиште е важно за да се подобри квалитетот на знаењата на учениците. Наставниците ќе можат подетално да навлезат во она што го предавале, ќе има повеќе време за индивидуален пристап кон учениците на кои им треба дополнителна, но и на оние на кои им треба додатна настава. Исто така, ќе има повеќе време за спортување, за воннаставни активности и програми, велат надлежните.
Од МОН на почетокот на учебната година посочија дека оваа реформа ќе почне во училиштата кои имаат можност за едносменска настава и дека нема да биде товар за децата.
Меѓу училиштата е токму „Вук Караџиќ“, чија цел е да обезбеди едносменска настава заедно со продолжен престој на учениците.
-Заложбата на МОН е за едносменско работење, па токму малата бројка што кај нас постои има мани, но има и предности. Учениците имаат добивка со тоа што наставата е поквалитетна, повеќе им се посветува внимание на учениците, имаме и додатна и дополнителна настава каде што учениците максимално го примаат она што го заслужуваат. Заложбата на МОН е за едносменска настава, меѓутоа ние одиме кон целта, не само едносменска, туку да ја направиме едносменска – целодневна, каде што учениците ќе остануваат цел ден во училиште. Учениците ќе дојдат од 08 часот, а ќе останат додека родителите не се вратат од работа. Целта е кога учениците ќе отидат дома да бидат слободни, а сето она што треба да го сработат за на училиште, тука ќе го завршат, а ќе им помагаат и наставници. Во целодневниот престој се вклучени и предметни наставници, изјави Ѓоргиевски.
Во насока на подобрување на условите во училиштето е и интенцијата за поставување на енергетско-ефикасна фасада, но и гасификација на училиштето.
