Општина Куманово одвои двеста и педесет илјади денари за поддршка на четири невладини здруженија за проекти од областа на социјална, детска и здравствена заштита. Договорите за меѓусебни права, обврски и одговорности за финансиската поддршка на организациите „ВОЕЦ“, „Мајка“, „Дром“ и здружението на дијабетичари им беа доделени вчера во просториите на општина Куманово, во присуство на претседателката на Советот, Ивана Ѓорѓиевска и раководителот на секторот за култура, спорт, социјална, детска и здравствена заштита Александар Крстевски.
-Здружението за промовирање на современи практики и образование „ВОЕЦ“ за проектот „Сликај со срце“ за борба против врсничко насилство ќе креира дигитални слики со основците за што ќе добие 75.000 денари, хуманитарното здружение „Мајка“ ќе изработи документарен филм „Не прифаќај нешто што не е познато“ и ќе одржи неколку едукативни работилници за 75.000 денари, од програма за социјална и детска заштита. Здружението на дијабетичари ќе го реализира проектот „Делуваме денеска да промениме утре“ за 50 илјади денари, а Центарот за ромска заедница ДРОМ за два проекти: „Вакцинирани деца, мудро родителство“ и „Твоето здравје е во твои раце, провери се денеска“ ќе добие вкупно 50 илјади, од програмата за здравствена заштита. Промовирањето и превентивните кампањи се прво нешто што треба да се направи во заедницата, а подоцна да се соочуваме со проблемите, ако постојат. Општината е секогаш подготвена за соработка, секогаш е повеќе за превенција отколку за решавање на било кои последици кои настануваат подоцна. Се надевам дека вакви кампањи, а и финансискиот буџет уште повеќе ќе се зголемуваат во наредниот период“, изјави Ивана Ѓорѓиевска, претседател на Совет на Општина Куманово
– На двата јавни повика, преку Програмата за социјална заштита и заштита на деца и Програма за спроведување на превентивно-промотивни активности за унапредување на здравјето преку кампањи ималоше шест пријави, но една е одбиена поради некомплетна документација, изјави Александар Крстевски, раководител на Сектор за култура, спорт, социјална, детска и здравствена заштита