ВИДЕО: „Порака наша“ прославува 18 години од постоењето
Здружението „Порака Наша“ денеска прославува осумнаесет години од постоењето. Максималниот ангажман, посветеност, истрајност, а пред се вербата на стручниот тим во можностите и способностите на корисниците, придонесоа „Порака наша“ од минатата година да стане лиценциран давател на услуги односно Центар за рехабилитација и реинтеграција на лица со интелектуална попреченост над 18 годишна возраст.
Корисниците заедно со гостите, ученици, наставници, претставници на општински и државни институции, граѓански организации, бизнис заедницата со роденденска торта и богата трпеза денеска го прославија полнолетството на нивниот втор дом, а воедно беше промовирана и нова социјална услуга, како и проектот „Зборувај тивко, делувај гласно“ на општина Куманово и „Порака Наша”, спроведен од страна на Мрежата на здруженија на локални власти од Југоисточна Европа и ЗЕЛС, а финансиски поддржан од Германското друштво за меѓународна соработка. Центарот доби машини за печатење и репроматеријали, кои ќе се користат за изработка и продажба на производи, овозможувајќи осамостојување и независно функционирање на овие лица, како составен дел на секое демократско општество.
-Ние сме лиценциран давател на услуги од 2023 година, успех на кој сме горди. Она што работиме и акцентот е ставен на професионална рехабилитација, набавени се нови машини за принтање и репроматеријали, планираме да изработуваме перосонализирани производи, печатени чаши, маички и предмети кои ќе ги понудиме на бизнис секторот и на тој начин ќе развиеме социјално претпримеништво, ќе се одбиеме да бидеме самоодржливи. Исто така, корисниците го продаваат списанието „Лице в лице“ заедно со волонтери од средните училишта. Нашата цел е преку процесот на персонална рехабилитација, всушност да направиме и да овозможиме вработување на лицата со интелектуална попреченост на отворен пазар на труд , изјави Фросина Симоновска, дефектолог во „Порака наша“
Општина Куманово го поддржува здружението „Порака наша“ од основањето преку проекти.
Центарот го посетуваат 21 лице со умерена и тешка попреченост и за нив се грижи стручен тим кој работи на нивно згрижување, социјализација, едукација, работно оспособување и рехабилитација.