ВИДЕО: „Промоција на безбедна училишна средина“ во ООУ „Магдалена Антова“

Првата детска амбасада во светот „Меѓаши“ е дел од проектот „Промоција на безбедна училишна средина“ во кој е вклучено и основното училиште „Магдалена Антова“ од Куманово. Проектот го поддржува детската фондација „Песталоци“, а го спроведуваат четири граѓански организации кои на различен начин и преку различни активности се обидуваат да придонесат во формирање на безбедна училишна средина.

Во Куманово во рамките на проектот вчера беа организирани работилници со ученици и со родители поддржани од стручната служба на кои беше разговарано на теми поврзани со насилството во разни форми, негово препознавање.

„Децата во најголем број случаи го препознаваат насилството, но она што им недостига е вниманието од родителите, односно бараат родителите да одвојат повеќе време за нив и да навлезат малку подлабоко во проблемите и во предизвиците со кои се соочуваат“, вели Жарко Змијанац од Првата детска амбасада „Меѓаши“.

Тезата која треба да биде појдовна точка на секој ученик, родител, наставник доколку сакаме да промовираме позитивни вредности е „промената започнува од мене“, вели психологот Силвана Стојковска од училиштето „Магдалена Антова“.

Проектот „Промоција на безбедна училишна средина“ започна да се имплементира минатата година, а ќе заврши во 2025-та.