В петок во кружната сала на зградата на поранешен комитет со почеток во 10 часот, ќе се одржи четириесет и осмата седница на Советот на општина Куманово на која ќе се расправа за предлог – одлуката за измена на распоредот на средствата во буџетот за 2024 година, по што ќе следуваат советнички прашања.
Уште една редовна седница на Советот ќе се одржи в понеделник со 61 точка на дневниот ред. Ќе се дискутира за програмите за работа на јавните претпријатија за следната година, за предлог – програмите за субвенционирање на граѓани за приклучок на гасификациона мрежа за 2025 година, за субвенционирање на граѓаните за набавка на високоефикасни инвертер клима уреди за затоплување, за субвенционирање на општински линиски превоз на патници на подрачјето на општина Куманово, за спроведување на мерки за субвенционирање на трошоци за комунални услуги за 2025 година; како и за обезбедување на помош за домување на материјално и станбено необезбедени лица корисници на гарантирана минимална помош.
По гласањето за предлог програмите, како 56 точка на дневен ред ќе биде предлог – буџет на општина Куманово за 2025 година, а советниците ќе расправаат и за предлог – одлуката за давање согласност за обезбедени финансиски средства од буџетот на општината за 2025 година за ангажирање на 25 (дваесет и пет) работници преку агенција за привремени вработувања во општина Куманово.
Седниците директно ги пренесува Телевизија Плус.