Во периодот од 15 декември заклучно со 15 јануари 2025 година ќе се спроведува акцијата „Новогодишна кошница“, а пазарниот инспекторат најави дека ќе биде со засилени контроли на терен и ќе постапува во согласност со своите надлежности. Граѓаните може да пријават неправилности на бесплатниот телефонски број 191 или на веб страна на ДПИ www.dpi.gov.mk, на која е достапна и листата со производи.
Од Владата викендот соопштија дека новогодишната потрошувачка кошничка со намалени цени од најмалку 10 проценти се проширува и опфаќа над 700 прехранбени производи, понудени од над 100 компании и производители и дистрибутери.
Во новогодишната потрошувачка кошничка листа спаѓаат леб и житарици, пекарски производи, месо и преработки од месо, риба, млеко и млечни производи, кондиторски производи, свежо, замрзнато и конзервирано овошје и зеленчук, безалкохолни (газирани и негазирани) напитоци, алкохолни пијалаци (вино и пиво) и друго.
Производите на листата кои ќе бидат понудени на полиците во трговските ланци ќе бидат обележани со налепница и лого „Помалку трошоци, повеќе за тебе“, како дел од кампањата на Владата.