Зголемен е бројот на хоспитализирани пациенти на детското одделение, информираа надлежните од кумановската болница. Дневно се прегледуваат околу осумдесет деца, а не е мал бројот ниту на пациентите во дневната болница. Според лекарите, во 90% од случаите станува збор за респираторни инфекции.
„Евидентираме зголемен број дечиња со респираторни симптоми, бронхоопструкиции, поголемите дечиња имаат бронхопневмонии и се со потешка клиничка слика. Моментално болнички се лекуваат 11 дечиња на одделението, 15 во дневна болница, а најмалите пациентчиња ни се новороденчиња од по 20 и 25 недели. Се жалат на кашлица, на зголемена температура, на болки во грло. Она што најмногу ги вознемирува родителите е зголемената температура, отежнатото дишење, одбиваат да внесуваат храна, течности, малаксаност… Деведесет проценти од примените во болница се со респираторни инфекции, а помал број со ентероколит. Како превенција препорачуваме внес на разновидна исхрана, богата со витамини и минерали, да се даваат суплементи, витамини Д и Ц и рибино масло, но не претерано. Да се воздржат од колективни собирања по игротеки, оние со неразвиен имунитет до 18-месечна возраст или на 24 месеци, доколку може да не посетуваат градинки. Прошетките се одлични, но децата треба да се изведуваат во период кога нема аерозагадување. Ако веќе имаат можност, да набават прочистувачи за воздух. Во однос на прашањето за персонал, недостига персонал, моментално сме четири доктори специјалисти педијатри на оддел, еден специјализант и еден општ доктор што е малку за целиот град и за околината, недостига и средномедицински персонал. Се надеваме дека во јануари ќе има нови вработувања, изјави д-р Маргица Арсовска, началник на детскиот оддел во Општа болница Куманово.